Лазаров: Македонските фанови разбираат ракомет и ја препознаа нашата промена

На последниот ден од Светското ракометно првенство нашиот селектор Кирил Лазаров за националниот сервис го анализираше настапот на Македонија на планетарниот собир. 

Тој уште еднаш истакна дека е задоволен од играта и резултатите и откри што барал од своите ракометари пред стартот на првенството.  

„Свесни бевме дека сме во силна, незгодна, но не атрактивна група, бидејќи немавме ривал од најголемите светски ракометни сили. Знаев дека нема да биде лесно со Унгарија и Холандија. Тие покажаа дека играат на врвно ниво, но секогаш се блиску, ама сепак далеку од врвот.

Од ракометарите барав да се промени нашиот менталитет. Да се бориме до крај и да не се предаваме и да веруваме против секого во позитивен резултат. Добро ги одработивме подготовките и јавноста ја препозна нашата борба и тоа што не се предававме до крај. Македонските фанови разбираат ракомет и ги наградија ракометарите. Тоа е аспектот од кој што сум најмногу задоволен, но има уште многу за работа и за напредување“, рече Лазаров. 

Македонија со победата над Гвинеја и ремито со Унгарија обезбеди пласман во втората фаза, каде освои бод со Австрија и славеше над Катар.