Текстилни дела проткаени со теми од детството, културата и митологијата

15.07.24 13:48

Се чини дека уметниците не можат да избегаат од создавањето дела кои во себе ги содржат аспектите на доброто, лошото и грдото. Голем дел од нив ни презентираат дела кои го откриваат она што суштински ги одбележува - од културата до општествените притисоци и домот - овозможувајќи ни да ги толкуваме и да ги сметаме за достојни за почит.

Англиската уметница Ања Пеинтсил од Честер, во својата уметничка практика, богата со текстил, полна со килими и таписерии, вметнува автобиографски теми кои зборуваат за нејзиното потекло, раскажувајќи приказни од детството проткаени со митологија.

„Повлекувам референци од секаде. Често во моите дела вклучувам народни и митолошки приказни од Велс и Гана”, вели таа.

„Како некој кој никогаш формално не студирал уметност ( до средината на моите дваесетти), многу влијанија дојдоа преку уметноста која беше присутна во мојот дом во Велс. Имаше многу уметнички книги и дела од Гана кои нѐ одржуваа мене и моите браќа и сестри поврзани“, додава Пеинтсил.

За време на школските години, Ања сметала дека часовите по уметност не биле инспиративни, што ја натерало во првата прилика да ги напушти. Но, тоа не значело дека цврстата врска со уметноста е прекината, бидејќи таа, за време на своите тинејџерски години се занимавала со уметност дома, во форма на техники за правење килими пренесени од нејзината баба.

„Сакам да работам на тој начин што ќе му дадам предност на интуитивното, а тоа ми дозволува да експериментирам со различни материјали”, вели таа.

Во периодот на нејзините почетоци на создавање уметност во своите дела почнала да ја инкорпорира косата, вистинска човечка коса, а со текот на годините успеала да ја зацврсти таа практика во своите дела. Ања Пеинтсил вели дека ја обожава врската помеѓу техниките и алатките што се користат во текстилот и оние што се користат за создавање афро фризури.

„Западноафриканските маски и резбите на дрво исто така имаат големо влијание врз мојата работа. Сето тоа добива облик во начинот на кој ги изработувам лицата, очите, устите и забите на фигурите. Растењето и гледањето на знамињата на Фанте Асафо – фигуративни воени знамиња кои илустрираат сила, поговорките и мудрите зборови, сите тие елементи ја обликуваа мојата уметничка практика”, додава таа.

Текстилните дела - особено килимите - обично предизвикуваат чувство на удобност, потсетувајќи нè на нашите домови кои ги уредуваме по наш вкус. Понекогаш претпоставуваме дека уметникот кој се занимава со применета уметност, не се занимава со толку сериозни теми како сликарот, или дека воопшто не се занимава со концепти.

Низ делата на Ања Пеинтстил, она што е алармантно е едно специфично чувство на непријатност, бес и збунетост што се гледа во изразите на нејзините ликови и интензивните изрази кога два лика комуницираат. „Често во делата внесувам елементи од народни приказни и митологија, и тие отсекогаш имале големо значење во мојот живот. Приказните што ми ги раскажуваа како дете, басните за местата кои често ги посетував, спомените од детството, личните наративи и семејните легенди - понекогаш смешни, понекогаш тажни, понекогаш трауматични”, раскажува таа.

Покрај личниот амбиент во нејзината работа, таа исто така има за цел да се занимава со теми како што се расата и идентитетот надвор од урбаните центри. „Обраќањето на оваа култура на маргинализирање на креативните практики во кои често доминираат жени, како што се уметностите во кои се работи со конец и слични материјали, како и поголемиот дел занаети кои подразбираат рачна изработка, за мене се од суштинско значење”.

Меѓу нејзината колекција на дела е еден од омилените автопортрети на Ања, за кој таа коментира: „Станува збор за мојата глупава одлука да почнам да ја плетам косата доцна во текот на денот и кога наеднаш ќе стане два часот по полноќ имам чувство како да си го набивам на глава шилестиот дел од чешелот”, вели таа.

Уметницата ја опишува активната и мачна задача на рачната креативна работа во својата пракса. „Мојот процес често зема данок и го вклучува целото мое тело. Морам да се наведнувам и да клекнувам во неудобни пози со часови, правејќи многу повторливи движења. Поради тоа секогаш некој дел од телото боли”. Но, исто како и плетењето на косата, во светот на Ања работата секогаш се завршува бидејќи таа продолжува да биде водена од нејзиниот занает и култура.

Извор: https://www.itsnicethat.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото