Хајп или бауч на синдикализмот?

19.01.2024 02:26
Хајп или бауч на синдикализмот?

Кога станува збор за состојбата во која се наоѓа глобалната економија, доминираа неколку мотиви со резимирања за минатата и прогнозирања за новата календарска година. Во склад со позициите кои се заземаа на општествено прифатливиот дел на политичко-економскиот спектар, тонот на излагањата варираше во распон од славенички до резервиран, но сепак успеваше да се дојде до некаков консензус за оценката.

Според она што можеше да се прочита во медиумите од средната струја, економската панорама, всушност, изгледа мошне солидно. И покрај затегнувањето на монетарните политики какво што не е видено од осумдесеттите години на минатиот век, борбата против инфлацијата главно се водеше успешно и без поголеми општествени потреси - и покрај тоа, американската економија, на пример, растеше во 2023-та. Истовремено, европските национални економии успешно го преживеаја „прекинот“ на рускиот гас. Интерпретацијата гласи дека пазарите на трудот продолжија да функционираат успешно, првенствено зашто компаниите - наместо масовно делење откази - се откажаа од вработување, односно од пополнување на празните работни места.

Иако големите национални економии, особено во Европа, тешко ќе го спуштат нивото на инфлација на посакуваните два проценти без нурнување во поблага рецесија, се чини дека глобалната еконмија е во многу подобра форма отколку што мислеа многумина. И кога Џеј Пауел, претседателот на ФЕД, кон средината на декември на конференцијата за медиуми порача дека „мисли дека нема да биде потребно понатамошно зголемување на каматните стапки“, прогнозата од расплетот на оваа инфлациска епизода во форма на познатото „меко приземјување“, според многумина доби и своја конечна потврда. Накратко, и покрај апокалиптичното дрдорење од економско конзервативните кампови, минатата година беше затворена во релативно оптимистичен клуч.

Има ли причина за оптимизам?

За промена, додуша со одредена доза наивност, причините за оптимизам можеа да се препознаат и од левата перспектива. Два моменти особено резонираа со левицата во 2023-та: своевидниот симболички хајп околу синдикализмот во САД и рехабилитацијата на индустриските политики или, со други зборови, економското планирање. Меѓутоа, дел од наивноста се однесува на интерпретацијата според која напуштањето на глобалната слободнопазарна парадигма самата по себе може да биде замена за сериозно работничко организирање, но и мешање на медиумскиот интерес за синдикализмот со проценка на реалните синдикални капацитети.

Шестдневниот штрајк кој есенва го организираше Американскиот синдикат на работниците оправдано беше карактеризиран како успешен. Концесии искористија Форд, Стелантис и Џенерал Моторс, пред сè во форма на значително зголемување на платите и инаугурација на системот на коефициенти кој во иднина платите ќе ги прилагодува на трошоците за живот. Штрајкот беше особено успешен во симболичка смисла. Имено, експлицитно го поддржа и Џо Бајден, првиот американски претседател кој процени дека еден таков политички облог би можел да му се исплати.

Претходно, во текот на летото, штрајкот на филмските и телевизиските работници во Холивуд исто така резултираше со зголемување на платите, како и имплементација на поправеден систем за исплата на хонорари кога се во прашање стриминг продукциите и низа безбедносно-превентивни одредби во колективните договори кои би требало да ја регулираат употребата на вештачката интелигенција во индустријата. Вкупно, од јануари до декември минатата година во САД беа организирани 400 штрајкови. Да речеме, доволно за The Wall Street и Journal во 2023-та да објават неколку репортажи за тоа дека синдикатите повторно станаа кул.

Истовремено, на годишно ниво опаѓа процентот на американска работна сила која е организирана синдикално. Во 2021 година таа бројка изнесуваше 10,3 проценти. Во 2022 година следеше пад од 0,2 проценти. Нов пад се очекува и кога ќе бидат објавени податоците за 2023 година. Генерално, процентот на американската работна сила која е организирана синдикано опаѓа речиси линеарно уште од педесеттите години. Меѓутоа, овој пад не е последица на промените во симболичката атрактивност на синдикатите како институција или некакво генерално општествено чувство, туку на низа законодавни рамки кои со текот на времето сè повеќе и повеќе го отежнуваа синдикалното организирање. Впечаток е дека барем во контекст на повторно инсистирање на индустриските политики, оваа рамка би можела да стане малку полабава, иако ништо не е загарантирано.

Најпосле, враќањето на индустриските политики во САД и Европа не е ништо друго туку реакција на четиридецениското слепо инсистирање на слободнопазарната глобализација на економијата, односно процес кој - непланирано - ја промовираше Кина во оперативно најмоќна национална економија. Последниве три години администрацијата на Бајден потроши милијарди и милијарди долари во форма на федерални стимулации за да се интензивираат приватните инвестиции во индустријата и да се направи обид за да се санира настанатата штета, додека Европската унија, соочена со потенцијалниот егзодус на капиталот во САД, го направи истото, иако со побавно темпо. На пример, бројот протекционистички мерки кои денес се на сила на глобално ниво изнесува околу 35 000 - пред десет години имаше помалку од десет. Иако сè уште нема јасно заокружен идеолошки систем со кој би можеле да се оправдаат ваквите парадигматски промени, последниве пет или шест години светот дефинитивно стана значително поинакво место.

Најкратко кажано, се работи за реорганизација на моќта на капиталот на транснационално ниво, но во спротивна насока, односно на начин кој конкретните индустриски политики сè повеќе и повеќе ги подложува на националните интереси. Затоа одново започнатиот разговор за економско планирање или поволно медиумско претставување на синдикализмот, самото по себе не може да биде причина за славење или опуштање на левицата - без демократска контрола над дистрибуцијата на јавните пари во форма на стимулации и јакнење на транснационалната синдикална солидарност, експлоатирањето ќе добие полокален карактер.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Stuart Mcreath

Извор: https://www.bilten.org/