Македонија
29. April 2024 - 16:38

Управниот одбор на Токсикологија ќе ја решава судбината на Клиниката

Управниот одбор на Токсикологија на вонреден состанок ќе решава за хаосот на клиниката и што понатаму. Од Установата правеле напори состанокот да биде утре, но засега не кажуваат што констатирала Комисијата за интрахоспитални инфекции по поплавата која настана минатата недела кога пукна радијатор и вода навлезе во речиси сите болнички простории.

Формирана е посебна комисија од Клиниката, со цел утврдување на состојбата и проценка на оштетувањата. Направен е и првичен записник за констатираната состојба.

Се прават напори, во текот на утрешниот ден да се одржи вонреден состанок на управниот одбор во однос за проценка на состојбата и активностите што ќе се преземат понатаму.

Овој одговор го добивме од Министерството за здравство но како став на менаџментот на клиниката. Не добивме официјална информација од Демири дали Клиниката е осигурана, колкава е штетата и кој ќе понесе одговорност, иако во петокот самиот кажа дека тоа е незаконски.

 -не е законски и за тоа менаџментот на установата треба да преземе одговорност. Ако е вистина ова што го кажувате, треба да се провери дали има договор или не, вели Илир Демири, министер за здравство. (26.04.2024).

Освен поплавата за која допрва ќе ја прават проценката, на клиниката вработените реагираат дкеа со месеци не функционира како што треба и токсиколошката лабораторија бидејќи нема доволно кадар а проблем се и 18 лица на кои договорите им истекле уште во декември 2023, но и покрај тоа незаконски одат на работа. И ДСЗИ и трудовиот инспекторат утврдиле неправилности при надзорот, но дали и каков ќе биде епилогот очигледно ќе се знае после изборите.