Колку и да сакаат разведените родители (или барем повеќето од нив), нивното дете да ужива во времето поминато со двајцата родители, може да биде тешко за вас, ако забележите дека вашите деца го претпочитаат другиот родител (а понекогаш дури и го претпочитаат вашиот нов партнер).

Вашата тага веројатно ќе биде поголема кога децата се премногу малечки и не знаат како да бидат тактични. Па, како најдобро да се справите со дете кое го претпочита другиот родител и вашиот нов партнер, и во вашата глава и во однос на стратегиите за родителство?

Живеалиштата каде што престојува детето нека бидат прилично слични во однос на забавните активности

Транзициите се тешки за повеќето деца. Преминот помеѓу двете живеалишта може да биде емотивно тежок, но и вознемирувачки од практична гледна точка бидејќи живеалиштата не содржат исти работи, исти миленици, исти видеоигри или што било друго. Ова е причината зошто треба да се обидете да ги направите живеалиштата прилично еквивалентни во однос на забавните активности, иако тоа не значи баш истите забавни работи да бидат присутни на двете места.

Не треба да сме поборници за огромна количина играчки или предмети, но љубезно и сочувствително е да се обидете да го направите забавно искуството на вашите деца во двете живеалишта каде што престојува. Еквивалентноста е во однос на забавата, а не на истите предмети.

На пример, ако другиот родител дозволува детето да поминува многу време пред екраните, а вие не сте за тоа, тогаш сигурно не треба да купувате видеоигри. Но, можете, да речеме, да земете домашно милениче за вашето дете, или да набавите интересни материјали за креирање уметност. Обидете се објективно да размислите дали вашиот дом е пријатно место, гледано од детска перспектива и, ако не, да откриете начини како да го подобрите тоа.

Погрижете се да нема промени на живеалиштето кога вашето дете е исцрпено – ова особено важи за почувствителните деца

Особено кога децата се мали, вашите вечерни транзиции би требало да се, на пример, во 17 часот во недела, наместо во 20 часот. Оваа промена може да им олесни на вашите деца да реагираат посмирено. Исто така, нека не преминува детето од едно во друго живеалиште кога е гладно. Ако е навикнато да јаде во 18 часот, на пример, тогаш преминувањето во друго живеалиште во 17:45 часот е лоша идеја.

Погрижете се транзициите од едно живеалиште до друго да бидат брзи

Транзициите треба да бидат многу брзи. Максимум да траат неколку минути. Не влегувајте во куќата на другиот родител затоа што тогаш вашето дете може да се стрча нагоре кон неговата соба и следствено на тоа, да немате контрола над нештата. Во повеќето случаи, другиот родител би било добро да ги испрати или земе децата до/од вашиот автомобил, а ако не го прави тоа, можете да го предложите тој начин бидејќи ќе ја олесни транзицијата. Со надеж дека другиот родител ќе се согласи.

Ако вообичаено нема спакувано и подготвено работи за вашите деца, обидете се да испратите пораки неколку минути пред пристигнувањето. Или понудете им да ги земете веднаш по секоја активност на која биле, или да направите транзиции по училиште. Долгите периоди на транзиција се генерално тешки за сите вклучени во процесот.

Бидете среќни и насмеани кога ќе го видите вашето дете

Бидете насмеани, дури и ако вашиот стомак е во грч затоа што мислите дека детето ќе се расплаче, со оглед на тоа дека ја напушта куќата на другиот родител. Ако детето почне да плаче, потрудете се да сочувствувате и кажете: „Во ред е, ајде да тргнеме сега – ќе правиме нешто забавно подоцна!“

Не плашете се да го „поткупите“ вашето дете со посебна забавна активност. Доволна е некаква друштвена игра. Дури и гледање на ТВ-шоу што е активност само за вас и вашето дете.

Не кажувајте лоши работи за другиот родител

Да кажете: „Секако повеќе ви се допаѓа куќата на мама/тато затоа што таа/тој ви дозволува да гледате филмови цел ден“ – е контрапродуктивно. ДНК на вашите деца е 50% наследена од вашиот поранешен партнер. Ако ги натерате децата да го мразат или да гледаат со презир на другиот родител, тие ќе го интернализираат тоа во самоомраза и несигурност. Децата треба да го почитуваат другиот родител, дури и ако вие се борите со лутина. Терапијата, исто така, може да помогне во процесот и разработката на овие чувства.

Присилувајте се да кажувате позитивни работи за вашиот поранешен партнер

Колку повеќе вие и другиот родител се согласувате и колку повеќе се почитувате еден со друг, толку вашето дете ќе се чувствува поудобно и посигурно. Често, вашето дете може да го претпочита другиот родител затоа што сака да го брани тој родител од вашиот гнев. Ако нема конфликт меѓу родителите, вашето дете нема потреба да избира страни. Изборот на страни е токсичен и може да доведе до вистинско родителско отуѓување.

Запомнете дека веројатно сте подобри во одредени фази од родителството

Внатрешно, може да ви биде тешко да се види вашето дете како блеснува кога го гледа другиот родител на начин на кој не ве гледа вас. Но, запомнете дека вие, како и повеќето родители, веројатно сте подобри во одредени фази од родителството од другите. Можеби нема да бидете одлични со децата од предучилишна возраст, но можеби подобро ќе се справувате со децата во тинејџерската фаза.

Децата постојано се менуваат и растат. Вашиот однос со вашето дете и неговите преференции за секој родител може да се менуваат со текот на времето. Тешко е да не се биде претпочитан како родител, особено ако тоа предизвикува потсетувања на вашиот живот од минатото, кога сте се чувствувале отфрлени.

На пример, ако мајка ви отсекогаш ја претпочитала вашата сестра, или татко ви ја претпочитал работата наместо дружењето со вас, најверојатно ќе бидете повеќе повредени отколку тоа што вашето дете го претпочита другиот родител.

Автор: Саманта Родман Вајтен

Извор



912

X