Скопјани најдобро е да одат пешки – автобусите се нередовни, а ретко кој таксист вози во сообраќајниот шпиц

Такси / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Едно возење некогаш не може ниту за еден час да се реализира, па за таксистот е неисплатливо и непрофитабилно да вози во такви услови, вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.

Во услови кога јавниот автобуски превоз не функционира според потребите на граѓаните, односно на некои линии возилата се нередовни, па се чека и половина час, граѓаните што како алтернатива ги користат услугите на таксистите се жалат дека во Скопје тешко се наоѓа такси и вистинска среќа е диспечерот да ви соопшти дека има слободно возило. Проблем е што и кога има возило, додека стигне може да поминат и 15 и 20 минути, па како што велат граѓани со кои разговаравме, ако некому му се брза да стигне некаде навреме мора да си тргне порано, па ако не е подолга дестинација, најдобар избор е да ја помине пеш.

Не знам што се случува со таксистите. Порано кога и да побарав наоѓав, а сега ретко кога ми се случило да ми одговорат дека ќе ми пратат возило. Најчесто ми треба такси во попладневните часови и без оглед дали е 16, 19 или 20 часот најчестиот одговор е – извинете, немаме слободно возило. Не знам како е во текот на работното време, но јас лично имам проблем. Дали и таксистите „избегале“ од државава или што се случува – вели Весна од Аеродром.

Такси / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Според Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје, таксисти има доволно, дури и премногу, но најголем проблем за ваквата појава е големиот сообраќаен метеж во градот, особено во периодот од 12 до 17 часот, бидејќи тогаш тешко се стига до бараната локација каде што чека патникот.

Таксистот може да стигне и за 5 минути, а може и за 40 минути кога е голема гужва. Густиот сообраќај во градот не дозволува да се испочитува времето за пристигнување до бараната локација. Значи, не е вина на таксистите, не е вина на диспечерскиот центар, едноставно поради гужвата многу таксисти се откажуваат да работат во тој период бидејќи заглавуваат во сообраќајот, па патникот излегува од возилото, зашто таксиметарот врти и затоа што при таква гужва побрзо пеш ќе стигне отколку со такси. Едно возење некогаш не може за еден час да реализира, се пробива и по 40 минути до кај што треба да стигне, а во меѓувреме и патникот си заминал. Неисплатливо е и непрофитабилно да се вози во такви услови – објаснува Рајчановски.

Диви таксисти под порта Македонија / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Но, освен граѓаните и таксистите си имаат сериозен проблем и тоа со дивите таксисти, проблем што не е сегашен, но како што тврдат никогаш не се случило ваков наплив на нелиценцирани возачи.

Додека беше градоначалник Коце Трајановски се среди такси превозот, имавме постојано состаноци, постојано комунициравме, после со Петре Шилегов се опушти работата, а сега со Данела Арсовска не функционира ништо во однос со таксито. Гледате веќе има разни бои такси возила низ град, постојано укажувавме, но ништо не се прави. Сега сме мирни поради изборите, но штом ќе поминат – или нешто ќе се реши или ќе се случи комплетна дерегулација на такси-превозот. Нема ни таксиметри ни фискални таксиметри, никој не контролира ништо. Тоа важи и за лиценцирани таксисти затоа што и тие кога гледаат дека ништо не функционира и тие така се однесуваат. Тој ги плаќа сите давачки, обоено му е возилото, има лиценца, фамилијата ја храни од таксито, а до него застанал таксист без лиценца, си работи по работно време. Значи, нелојална конкуренција до немај каде. Веќе со години се мачиме и објаснуваме во институции, но џабе. Никогаш, никогаш вака не било – тврди првиот човек на такси-превозниците.

Според него, сите само си ја префрлаат вината и ништо не функционира. Така, Градот се жали дека не можат да одземат возило затоа што во Агенцијата за одземен имот не дозволуваат такси-возила да се носат на нивниот имот, а додека не се одземе возило, според Рајчановски, не може да се спроведе никаков закон, затоа што доколку дивите таксисти знаат дека може да им се одземе возило, ќе се плашат да излезат на улица и да возат без лиценца.

Тој вели дека хаосот во такси-превозот е поради комплетно нефункционирање на делови од институции, поради лошиот Закон за превоз во патниот сообраќај донесен, според него, „шверцерски“ и во интерес на двајца-тројца во 2017 година, со многу грешки и без консултација со фелата што ја работи таа работа.

Џабе јас ако го обојам возилото бело-жолто, ставам жолти таблички, ставам таксиметар и возам, ако јас не сум пријавен, ако таксиметарот не е наштелуван. Треба да се има пломба на таксиметарот, по што на задните врати и стакла на возилото се ставаат жолти налепници За сѐ си има правила, одлуки, само не се почитуваат, а таксистите не ги почитуваат од причина што никој не ги контролира – вели Рајчановски додавајќи дека со години не се контролирани таксиметрите во возилата, уште од 1995-96 година.

Претседателот на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје објаснува дека во времето кога градоначалник бил Трајановски, Градот и таксистите заеднички подготвиле одлука што се обврзале да ја почитуваат, а веднаш по усвојувањето на одлуката, Градот пуштил инспекции за да проверат дали е тоа така, одземале стотина возила и за три недели се решил проблемот со такси-превозот во Скопје

Сум носел дописи и во Министерство за труд и во транспорт и врски и во Град Скопје, но залудно е сѐ додека не се промени законот, додека не излезе инспекцијата да бара сѐ што е потребно да поседува еден таксист за да ги исполнува условите да поседува лиценца. Ако тој нема наштелувано таксиметар, треба да му се одземе возилото, ако не е пријавен, не смее да вози, ако не му е обележано возилото, не може да вози. Сѐ што нема лиценца, со пајак се носи во Агенцијата за одземен имот. Таков е законот, зошто не се применува? – прашува Рајчановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот