Ќе имаме ниски даноци, ќе тргуваме со крипто-валути, ќе се врати „Купи куќа за млади“ …

Платформата #1198 содржи 1198 проекти, мерки, програми и политики со кои решаваме огромен број проблеми кај граѓаните, затоа што за нас луѓето се на прво место. Овој визионерски документ содржи конкретни реформски мерки и политики што ќе генерираат динамичен и повисок животен стандард, повисоки плати и пензии, притоа обезбедувајќи ред и правда за сите“, пишува во документот., што треба да го реализира новата влада

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Твоја Македонија е победник на парламентарните избори, со што веднаш по составувањето на новата влада треба да почне да ја спроведува Платформата со 1.198 проекти, меѓу кои голем дел се економски проекти. Според Платформата, Македонија треба да биде меѓу земјите со најмали даноци, а за привлекување на странски мултинационални компании со големи добивки данокот ќе биде преполовен, се најавува регулаторна гилотина, намалување на оптоварувања на фирмите, довршување на гасификацијата на државата, укинување на фиксниот надоместок Пристап до мрежа од 200 денари во сметките за струја, враќање на Проектот „Купи куќа, купи стан“, поддршка на малите и средните земјоделски производители, со фокус на технолошките иновации, по 5.000 денари плус за секој пензионер …

„Платформата #1198 содржи 1198 проекти, мерки, програми и политики со кои решаваме огромен број проблеми кај граѓаните, затоа што за нас луѓето се на прво место. Овој визионерски документ содржи конкретни реформски мерки и политики што ќе генерираат динамичен и повисок животен стандард, повисоки плати и пензии, притоа обезбедувајќи ред и правда за сите“, пишува во документот.

Фирмите што ќе земат работник од јавниот сектор нема да плаќаат придонеси и данок

 

Во однос на даночниот систем, главната карактеристика е што се задржува на рамниот данок од 10 проценти, но има многу „финеси“ што укажуваат на тоа дека идната влада има намера да се откаже од голем дел од сегашни даночни приходи, но затоа пак најавува дека главниот фокус ќе биде насочен кон намалување на сивата економија и поголема наплата на средства за државниот буџет.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди Македонија да биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и граѓаните. Тоа ќе го постигнеме на следниов начин: Ќе го задржиме рамниот данок; Данокот на личен доход од 10% нема да се зголемува; Даночно ослободување кај данок на личен доход ќе има за нововработени млади лица до 29 години со цел задржување на младите во економијата; Даночните олеснувања во рамки на данокот на личен доход за фри-ленсери; Подигнување на прагот за регистрација на ДДВ од два на три милиони денари за консолидиран промет на сопственички поврзани обврзници; Ќе направиме целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче; Данокот на добивка останува со стапка од 10%; Реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува; За привлекување на мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, ефективната стапка на данокот на добивка ќе биде 5%; Враќање на даночните поволности на фирмите (признат расход) за уплатените премии за доброволно животно осигурување со цел задржување и мотивација на вработените“, пишува во програмата на Партијата.

И мерките за поголемо обезбедување на работна сила за приватниот сектор и растоварувањето на јавниот сектор ја засега даночната политика.

„Државата ќе им даде можност на лицата вработени во јавниот сектор полесно да најдат работа во приватниот сектор. Државата ќе обезбеди поддршка за компаниите кои ќе вработуваат лица од јавниот сектор, при што во период од 24 месеци истите ќе бидат ослободени од плаќање на данокот на личен доход и на придонеси“, ветува ВМРО-ДПМНЕ.

 55.000 нови вработувања и привлекување дигитални номади

Според Платформата, до крајот на 2028 година треба да се отворат 55.000 работни места.

„Ќе работиме и на зголемување на флексибилноста на пазарот на труд, со што ќе се унапреди ефикасноста на компаниите, ќе се зголеми сатисфакцијата кај вработените на работното место и ќе се придонесе за зголемување на бројот на учесници на пазарот на труд“, пишува во Платформата.

Може да се очекува обука за средношколци и студенти за стекнување на средно ниво на дигитални вештини. Се предвидува и да се привлекуваат млади од странство, тие да си работат за странските компании, но да се на работен одмор кај нас.

„Предвидуваме воведување на обновлива виза за престој на дигитални номади, односно за странци кои би сакале да поминат помеѓу 3 и 12 месеци живеејќи во Македонија, под услов да имаат обезбедена работа на далечина кај работодавец од странство и редовни месечни примања‘, пишува во Платформата.

За капитални проекти 3 милијарди евра

 

Во својот мандат идната влада би требала да потроши 3 милијарди евра за капитални инвестиции, како и годишен износ на капитални трансфери до 250 милиони евра за
општините, вкупно 1 милијарда евра во текот на мандатот. Акцент се става на довршување на почнатите инфраструктурни проекти, како и почнување на ремонт на железничката пруга на Коридорот 10 (Табановце – Гевгелија), како најфреквентна пруга со големо значење за Република Македонија, при што рокот за изработка на идеен проект и физибилити студија е 2026 година, а рокот за реконструкција и рехабилитација на железнички коридор 10 е 2028 година.

Но, истовремено државата се мачи со висок јавен долг.

„Свесни за тешкиот фискален товар и нарушената фискална одржливост од страна на претходната Влада (јавниот долг на крајот од 2023 година достигна рекордни 62,1% од БДП, а во наредните пет години ни се оставени огромни плаќања само по основа на камати во износ од 1,8 милијарди евра), ВМРО-ДПМНЕ следниот период ќе преземе мерки за фискална консолидација со цел земјата да се врати на патеката на умерено ниво на задолженост“, пишува во Платформата.

МН. Поддршка за компаниите, нула ДДВ за крипто-трговците

Во Платформата има и низа мерки за стопанството, а потенцирано е дека во наредниот период ќе продолжи финансиската поддршка на инвестициите за домашните и странски компании.

„Постапката и условите за добивање на истата ќе бидат ревидирани, во насока на поголем износ на поддршката за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите со конкурентска предност“, пишува во Платформата.

Ќе се креираме единствена Агенција за странски инвестиции и извоз, преку спојување и рационализација на постоечките агенции. Барем според Платформата може да се очекува и поголема агилност во однос на повратот на данокот за компаниите, како изграден систем во борба против фиктивните фактури со кои се оштетува државниот буџет.
Од ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека најнапредните земји како Германија, Швајцарија и САД, воведоа можност граѓаните да можат да купуваат, да држат и да продаваат крипто-средства преку банкарските сметки, наместо исклучиво преку финтек-апликации, укажуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе пристапиме кон дефинирање на крипто-валутите (крипто-средствата), како специфичен вид нематеријално средство засновано на дигитални технологии. Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ предвидува и директни погодности за инвеститорите, како што е: 0% данок на додадена вредност (ДДВ) за тргување со крипто-средства, и ослободување од данок на капитална добивка за инвеститорите до 2026 година“, пишува во Платформата.

 Помош и за купување куќа и земја на село

Владата на ВМРО – ДПМНЕ повторно ќе ја воспостави и ќе ја подобри мерката „Купи куќа за млади“, преку исплаќање субвенции на месечна рата за изградба на куќа или исплаќање на субвенции за почетно учество при добивање на кредит за изградба на куќа. За младите парови кои ќе се преселат на село, ќе се изработи програма со која ќе овозможиме еднократна финансиска поддршка за купување, градење или проширување на куќа. Предвидена е продажба на државно неизградено земјиште по повластена цена по квадратен метар, како и неколку бесплатни типови на проекти за изградба на куќа со што дополнително би се намалиле трошоците на семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот