Алчевски: Секако дека сум подготвен да настапам и за македонската А репрезентација

Марко Алчевски („Брера Струмица“)/фото: brerastrumica.com

Членот на фудбалскиот клуб Брера Струмица, Марко Алчевски (22) со одличните интервенции во натпреварот против Вардар во 29 коло од Првата македонска лига уште еднаш ги покажа своите одлични голмански перформанси.

Капитенски предводник на ФК Брера Струмица, не само во победата против Вардар, туку и за сите дострели оваа натпреварувачка сезона. Алчевски со својата позитивна енергија дава дополнителна мотивација во екипата која полека се враќа во горниот дел од прволигашката табела.

Во 27 лигашки мечеви на голот на Брера запиша вкупно 2430 минути оваа сезона, со својот просек на одбрани е во Топ 3 најдобри голмани во шампионатот.

– Фудбалот е тимска игра, секој има своја улога на теренот. Улогата на голманот е да го одбрани голот и својот тим да не прими гол. Среќен сум затоа што имав голема улога во победата против Вардар. Оваа сезона мислам дека е најдобрата во мојата досегашна кариера. Ова е резултат пред сè на мојата посветеност, но и работа, како и на ФК „Академија Пандев Брера Струмица“, која ми помогна да се изградам во една сериозна личност и во многу добар голман. Затоа сум благодарен на цел стручен штаб кои се моментално во клубот и на тие што заминаа, бидејќи дадоа свој придонес во она што сум сега – се зборовите на Алчевски на официјалниот клупски сајт на Брера Струмица.

Чуварот на мрежата веќе половина деценија е дел и од младинските фудбалски селекции. Неговата желба е да ги брани и боите на најдобрата А фудбалска репрезентација на Македонија:

– Во младинските селекции веќе сум неколку сезони. Ги поминав сите категории, а со младинската сум уште кога селектор беше Благоја Милевски. Најдрага победа и најдраг меч ми е натпреварот против Шведска во гости. Секако дека сум подготвен да настапам и за македонската А селекција доколку добијам повик. Јас би сакал да дадам придонес и за сениорскиот состав, но има кој да одлучи за тоа. Јас можам да ветам дека и понатаму ќе работам да бидам вистински чувар на мрежите и да се докажувам на голманската позиција – вели Алчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот