BMW ќе го понуди M3 CS во ограничен број примероци, а клиентите можат да сметаат на 8-брзински автоматски менувач и адаптивен погон преку двете оски (xDrive) со опција (i) погон само преку задната оска

Во М одделот на BMW користеле сличен рецепт понуден со М3 од претходната генерација, па со ознаката CS овој пат пристигнува М3, кој е полесен и помоќен од верзијата M3 Competition на која се базира.

Повеќе моќност за помалку килограми значи дека познатиот 3-литарски линиски 6-цилиндерски битурбо мотор (S58) во овој случај развива 550 коњски сили и 650 Nm максимален вртежен момент, а ќе придвижува автомобил кој е 34 килограми полесен од M3 Competition (510 КС).

Помалку килограми е резултат на обилната употреба на карбон, кој се користи за неколку компоненти на каросеријата, вклучително и капакот на моторот, а за симнувањето килограми помогнале и елементите на издувниот систем изработен од титаниум, карбонските школки на предните седишта и ултра лесните 19 и 20-инчни засилени бандажи со гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 со димензии 275/35/19 напред и 285/30/20 назад.

Најмоќниот М3, чие производство започнува во март, забрзува од 0 до 100 km/h за 3,4 секунди и развива електронски ограничени 302 km/h. Од Минхен велат дека ќе моделот ќе се нуди во ограничен број примероци. Не ја откриваат бројката, но откриваат дека за CS (Competition Sport) во Германија треба да се издвојат 146.000 евра.