Здравата комуникација е неопходна за да има квалитетен однос меѓу родителите и децата. Кога експертите велат „разговарајте со вашите деца“, тоа значи дека разговорите треба да се присутни секој ден, детето да има доверба во вас, а вие во него, дека се слушате меѓусебно и се разбирате. Меѓутоа, во периодот на пубертетот и во „незгодните“ години, овие разговори често стануваат предизвикувачки, а родителите често се прашуваат дали детето им кажало сè, како се чувствува, дали има проблем, дали нешто крие…

Експертите издвоиле 10 знаци кои можат да им укажат на родителите дека детето крие нешто од нив:

Детето ве блокирало на сите социјални мрежи

Ако вашето дете користи социјални медиуми и вие сте доволно среќни да бидете негов одобрен следбеник, клучот е да не ја злоупотребувате таа доверба. Секој случај е индивидуален, но запомнете кога сте биле млади, колку сте се срамеле кога вашите родители изразувале нежност пред вашите врсници или зборувале за вашите бламирања. Не пишувајте многу коментари, не мешајте се јавно во нивниот разговор со врсниците, а доколку има проблем, разговарајте во живо со детето. Но, ако вашето дете одеднаш ве избришало на социјалните мрежи и ве блокирало, може да постои ризик дека нешто крие. Зборувајте отворено за тоа.

Ја менува темата

Животното искуство му помага на секој возрасен лесно да ги следи детските „игри на умот“. Ако детето брзо ја менува темата, можеби темата му е болна, крие нешто или не се чувствува удобно да зборува за тоа. Не користете трикови во комуникацијата и не форсирајте, туку отворено кажете му дека сте подготвени да слушнете сè за тоа.

Не ги познавате пријателите на детето

Важно е да се запознаете со околината на вашето дете, можеби дури и да воспоставите контакт со родителите на неговите пријатели заради безбедноста на децата, а и да се договарате за дружење и заеднички активности. Ако детето избегнува да зборува за друштвото и кои се неговите пријатели, може да постои некој проблем.

Ретко поминувате време заедно

Ако воопшто не поминувате слободно време заедно со детето, веројатно не сте свесни за многу аспекти од неговиот живот. Обидете се да ја подобрите комуникацијата, организирајте заеднички викенд, одете на патување, во кино, излезете надвор од домашната зона и разговарајте.

Детето не сака да прави ништо со вас

Кога сте му во близина, детето гледа во таван, го остава телефонот и веднаш оди на друго место – што подалеку од родителите. Ова однесување не мора да значи дека поминува време на забранети страници или прави нешто срамно, но важно е да се зборува зошто се однесува вака и да се обидете да ја подобрите врската.

Добивате предупредување од наставниците

Во минатото, авторитетот на наставниците во училиштата беше неоспорен, а повикувањето на родителите да дојдат во училиште значело голем аларм. Деновиве, повеќето родители стандардно застануваат на страната на детето, без воопшто да ја разберат ситуацијата. Ако имате покани да одите на училиште, слушајте го наставникот. Училиштето е место кое е далеку од вашите очи, а детето таму се чувствува послободно – запознајте го и на тоа поле.

Детето ги избегнува деталите

Можеби најочигледниот знак дека детето нешто крие е кога постојано нешто избегнува да сподели. Со текот на времето ќе забележите дека не слушате нови приказни од неговиот живот, туку стандардни кратки одговори: „сѐ е во ред“, „ништо интересно“ и слично. Дури и прашањата за појаснување го немаат посакуваниот ефект.

Одеднаш го напушта домот

Ако вашите деца не се казнети и им дозволите да се шетаат, нема за што да се грижите. Меѓутоа, ако детето при излегување од дома даде „збунети“ причини зошто излегува и ви се чини дека лаже – „Да, да, па, ќе одам да ја видам Маша, да ѝ однесам книга“ – ова не е најубедливото објаснување, особено кога тоа се случува постојано. Време е за разговор.

Детето го крие погледот

Ако детето почнало да избегнува контакт со очите, по правило, ова е манифестација на вина. Децата гледаат на друга страна кога ќе сфатат дека се виновни, а интуитивно сакаат да се „скријат“ од евентуални осудувања, критики, расправии.

Драматично се менува

Сите деца се менуваат – се чувствува процесот на растење. Но, овие промени се постепени. Ако однесувањето наеднаш се промени еден ден, можеби детето доживува последици од шок, психолошка траума или дошло во непријатна ситуација од која не може самостојно да излезе. Главната работа што можете да ја направите е да разговарате и да дознаете што се случува и како можете да му помогнете.

Извор



912

X