Уапсени тројца Германци под сомнение дека шпионирале во корист на Кина

Германската полиција уапси три лица под сомнение дека шпионирале за Кина, пренесувајќи информации за технологијата со потенцијално воена употреба.

Во соопштението од сојузното обвинителство се наведува дека тројца германски државјани се обвинети дека работеле за кинеската разузнавачка служба уште пред јуни 2022 година. Тие исто така се осомничени и за кршење на германскиот Закон за извоз.

Во моментот на нивното апсење, осомничените биле во преговори за понатамошни истражувачки проекти кои би можеле да бидат корисни за проширување на борбената моќ на кинеската морнарица.

Осомничените, исто така, набавиле специјален ласер и го извезувале во Кина без дозвола, иако според правилата на Европска Унија е класифициран како инструмент со „двојна намена“.