„Целта на сојузната влада за 15 милиони електрични автомобили на германските патишта до 2030 година нема да се постигне. Ниту блиску“

Пред една година Германија објави дека до 2030 година на патиштата ќе има 15 милиони електрични возила. Сепак, од денешна перспектива се чини дека од оваа оптимистичката најава нема да има ништо.

„Само со многу среќа целта ќе биде само делумно остварена“ – предупредува Фердинанд Дуденхофер, професор во Центарот за автомобилско истражување во Дуизбург, кој предвидува само 7,2 милиони регистрации до крајот на деценијата.

„Целта на сојузната влада за 15 милиони електрични автомобили на германските патишта до 2030 година нема да биде постигната, ниту блиску. Со новите упатства за финансирање електрични автомобили, високите цени на струјата и зголемувањето на цените на батериите, пазарот во Германија ќе се сруши во следните неколку години“, вели Дуденхофер за Politico.

Одлуката на ЕУ да ја забрани продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година врши дополнителен притисок врз транзицијата кон електрични возила.

Зголемувањето на цената на струјата, исто така, го поткопува аргументот дека е поевтино да се вози електрично возило отколку автомобил со фосилни горива. Дополнително, германската влада ќе ги намали субвенциите за купувачите на електрични возила од 6.000 на 4.500 евра од 1 јануари 2023 година за модели поевтини од 40.000 евра.

Не се исполни ветувањето на поранешната канцеларка Ангела Меркел пред повеќе од десет години дека ќе има еден милион чисти автомобили на патиштата до 2020 година.

Од околу 50 милиони регистрирани патнички автомобили во Германија, само 1,59 милиони користат електрична енергија, од кои 840.645 се целосно електрични модели, додека останатите се plug-in хибриди.

Поради сето горенаведено, планираната цел до 2030 година изгледа неостварлива.