Татко на три деца починал откако испил премногу вода

Точка

21/03/2025

21:16

4.703

Големина на фонт

а а а

Шон О’Донел (59) од Даблин починал од труење со вода, ретка, но смртоносна состојба позната како хипонатремија. Неговата смрт дошла набргу откако во болница бил охрабрен да пие големи количества течности по рутинска медицинска процедура.

Хипонатремија, состојба која наводно била фатална за легендарниот мајстор за боречки вештини Брус Ли, се јавува кога нивото на натриум во телото нагло опаѓа поради прекумерно внесување течности.

Што се случува кога ќе испиеме премногу вода?

Натриумот е клучен електролит кој помага во регулирањето на количината на вода во телесните ткива. Ако телото го нема во доволни количества, водата почнува да се акумулира во и околу клетките, што предизвикува нивно отекување.

Особено е опасно кога ќе дојде до оток на мозокот, бидејќи мозокот нема простор да се прошири во черепот. Ова може да доведе до напади, срцев удар и смрт. Експертите предупредуваат дека консумирањето околу 1,4 литри вода (околу шест чаши) за еден час може да предизвика хипонатремија.

Што му се случило на Шон О’Донел?

О’Донел бил подложен на рутинска процедура во Универзитетската болница Сент Винсент во јануари 2020 година. По операцијата, персоналот му препорачал да пие многу вода, но никој не го надгледувал неговиот внес на течности. Истата вечер, во 19 часот, тој доживеал напад и срцев удар, што довело до смрт. Новата истрага покажала дека причина за смртта бил оток на мозокот предизвикан од прекумерно внесување течности, и дека болницата му дала погрешен совет на О' Донел. Болница Сент Винсент признала невнимание и на семејството на Шон му исплатила 35.000 евра отштета поради ментална болка.

Колку вода е премногу?

Точното количество вода што може да предизвика хипонатремија варира од личност до личност, но Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) во САД препорачуваат луѓето да не пијат не повеќе од 1,4 литри течност на час. Важно е да се нагласи дека ова важи за сите видови течности, а не само за вода.

Луѓето кои се особено изложени на ризик за хипонатремија вклучуваат:

Пациенти со бубрежни проблеми – нивните бубрези не можат доволно брзо да излачуваат вишок течност.

Спортисти, особено маратонци – повеќечасовна консумација на вода без надоместување на електролити може да доведе до откажување на органите.

Луѓето кои земаат лекови кои ја зголемуваат жедта – некои антидепресиви и диуретици можат да влијаат на регулирањето на течноста во телото.

Познати случаи се Дејвид Роџерс (22), фитнес-инструктор кој починал откако испил премногу вода за време на Лондонскиот маратон во 2007 година, и Ешли Самерс (28), мајка на две деца од Индијана, која починала во 2023 година откако испила две литри вода за само 20 минути.

Дали Брус Ли починал од хипонатремија?

Иако лекарите првично тврделе дека Брус Ли починал во 1973 година од мозочен едем предизвикан од несаканите ефекти на аналгетиците, поновите истражувања сугерираат дека причината за неговата смрт можеби била прекумерно внесување вода. Ли бил познат по ригорозната исхрана и честото внесување течности, а обдукцијата покажала силен оток на мозокот, еден од главните симптоми на хипонатремија.

Како безбедно да се внесуваат течности?

Британскиот NHS препорачува пиење од 6 до 8 чаши (околу 2 литри) течности дневно, а најдобар показател за правилна хидратација е светложолтата боја на урината.

Симптомите на хипонатремија вклучуваат гадење и повраќање, замор и мускулна слабост, конфузија и главоболка, немир или раздразливост и напади. Лекувањето обично се спроведува со интравенски внес на натриум или специјализирани лекови во болнички услови.