Германското општество бара нови форми на заедништво

05.03.2024 13:26
Германското општество бара нови форми на заедништво

Соочена со стареењето на населението и зголемениот број луѓе кои живеат сами, германската влада планира да воведе нов правен механизам кој би им помогнал на луѓето кои не се во романтични врски да преземат одговорност едни за други.

Начинот на кој луѓето живеат, сакаат, стануваат родители и стареат во Германија се менува. Во исто време, во општество каде што секој четврти човек вели дека е осамен/а, останува важно како да се грижиме едни за други, без разлика дали се работи за грижа за деца или за стари лица.

„Веројатно најголемата реформа на семејниот закон во последните неколку децении” - така министерот за правда Марко Бушман го опишува камен-темелникот на потенцијално радикалниот предлог договорен од германската владејачка коалиција составена од Либералите на Бушман (ФДП), Социјалдемократите (СПД) и Зелените.

Таканаречената „Заедница на одговорност” би требало да обезбеди нов правен механизам преку кој групи од две до шест лица ќе можат да преземат правна одговорност едни за други, на пример во случај на итна медицинска помош.
„Заедницата на одговорност има дополнителна симболична вредност. Слободен простор за експериментирање”, вели Бушман.

„Вистина е дека во модерните романтични врски нема сигурност, а луѓето често го учат тоа на потешкиот начин”, вели социологот Андреа Неверла, која спровела истражување за интимноста и моделите во односите.

„Во општество што старее”, вели таа, „треба целосно да се преиспита прашањето за тоа на кој начин сакаме да живееме заедно и типовите на мрежи за поддршка на кои луѓето се потпираат. Тоа подразбира децентрализација на доминантниот модел на односот на романтична љубов меѓу две личности”.

„Кога навистина сакаме да направиме нешто како група, како колектив - не знам за ниту за еден веќе постоечки концепт во современото општество во кој може доброволно и законски да се влезе. Потребен ни е поттик за луѓето да се здружат”, вели Неверла.

Укажувајќи на примерот на „одбраните семејства” создадени од квир луѓето откако биле отфрлени од своите биолошки семејства, Неверла сугерира дека можеби нашиот секојдневен живот би бил подобро структуриран околу пријателствата отколку околу еден романтичен партнер.

„Мораме да бидеме креативни, а ни треба и поттик од државата, да ни овозможи да ги испробаме овие различни форми”, вели таа.

„Понуда што никој не ја бара”

Владата вели дека „заедницата на одговорност” ќе помогне да се олесни животот на постарите лица и самохраните родители. Меѓутоа, групите кои ги застапуваат овие лица се скептични околу тоа колку новиот модел навистина ќе ги промени животите на луѓето.

„Мислам дека тоа нема да донесе многу промени за постарите лице”, изјави Регина Гернер, претседател на Националното здружение на организации на постари граѓани (БАГСО). „Веќе постојат инструменти, како што е здравствениот полномошник, кој исто така е помалку бирократски отколку користењето на нотар” – додава Гернер.

Постои повеќе од двојна веројатност во однос на просечната популација дека постарите лица ќе живеат сами. Според една студија од 2022 година, во ЕУ околу 32 отсто од луѓето на возраст од 65 и повеќе живееле сами. Во Германија таа бројка е дури 34 отсто, покажуваат податоците на Здружението на приватни компании за здравствено осигурување. Се предвидува дека до 2030 година на дури 5,75 милиони луѓе во Германија ќе им биде потребна нега.

Гернер вели дека наместо она што се предлага, би било подобро да се реформира Законот за отсуство за потребна нега, кој моментално им овозможува само на членовите на потесното семејство да земаат платено отсуство од работа за да се грижат за болен роднина.

Слично размислува и Хајди Тиман, основачка на здружение кое се залага за правата на самохраните родители.
„На самохраните родители им требаат многу различни работи за да ја подобрат својата ситуација. Она за што зборуваме овде е понуда што во суштина никој не ја бара”, вели Тиман.

Денес, околу 33 отсто од децата во Германија се родени од невенчани родители, покажуваат податоците на Институтот за германска економија. Според истиот извор, стапката на разводи во 2021 година била 39,9 отсто.

Сè повеќе и повеќе самохрани родители

Тиман е загрижена дека луѓето кои се во романтични врски, но не сакаат да бидат законски во брак, би можеле да го користат новиот правен механизам како алтернатива за бракот, но со многу помала правна заштита.

„Мајките, кои сè уште го сносуваат најголемиот дел од грижата, тогаш ќе бидат во многу полоша ситуација отколку кога би биле во брак”, вели таа.
„Владата вели дека нема да има даночни олеснувања поврзани со реформата, но не ги исклучува даночните недостатоци”, додава Тиман.

„Заедница на одговорност”, а не „лајт брак”

Критики за реформата пристигнаа и од опозициските Демохристијани и од екстремно десничарската популистичка Алтернатива за Германија. Портпаролот на ЦДУ за правни прашања, Гунтер Крингс, сугерираше дека новиот правен механизам би „можел да ја отвори задната врата на полигамијата„Владата вели дека нема да има даночни олеснувања поврзани со реформата, но не ги исклучува даночните недостатоци”, која во моментов е призната само во Германија за полигамните бракови легално склучени во странство.

„Никој нема да може да ја контролира природата на врските меѓу луѓето во таква „заедница на одговорност””, вели Крингс.

Според германскиот устав бракот и семејството уживаат заштитен статус. Актуелната власт потенцира дека новата реформа е насочена кон лицата кои не се во романтични врски, пред сѐ постарите и велат дека не станува збор за никаков „лесен брак”, односно дека нема да има даночни олеснувања, ниту пак ќе има некакви последици за Законот за наследување или обврски околу издржување.

Дали оваа идеја ќе остане само неостварен сон?

Неверла вели дека би сакала да види нови прогресивни и експериментални форми на комунализација и заедништво поддржани од државата, но загрижена е околу тоа дека актуелната политичка клима во Европа оди во спротивна насока.

„Знам дека десничарските популисти не ги сакаат овие нови животни концепти. Тоа им отежнува на оние кои сакаат да живеат во различност, не само во романтични врски, туку и во сите други облици на различност”, вели таа.

Оригиналниот документ во кој станува збор за заедницата на одговорност, партијата ФДП уште во 2022 година го вклучи во предлозите за нови начини за решавање на финансиските прашања како што е наследството. Неверла вели дека сегашните предлози се многу помалку амбициозни. Навистина се прашувам зошто постои толку голем страв од нови форми на заедништво.
„И навистина се надевам дека луѓето ќе сфатат дека ништо не им се одзема, туку напротив, им се подарува”.

Слика: Nusha Ashjaee

Извор:https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото