ПУБЛИКАТА ПРВО ЈА ИСВИРКА А ПОТОА Ѝ АПЛАУДИРАШЕ НА ИЗРАЕЛКАТА НА ЕВРОВИЗИЈА, ИЗБРАНИ НОВИТЕ 10 ФИНАЛИСТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Летонија, Австрија, Холандија, Норвешка, Израел, Грција, Естонија, Швајцарија, Грузија и Ерменија се пласираа во финалето на Евровизија, кое ќе се одржи в сабота во Малме. Тие ќе им се придружат на останатите 10 финалисти од првата полуфинална вечер која се одржа во вторникот: Србија, Хрватска, Словенија, Португалија, Украина, Литванија, Финска, Кипар, Ирска и Луксембург.

Најголемо внимание предизвика настапот на претставничката на Израел, Еден Голан, која ја испеа песната „Ураган“. На почетокот, публиката ја пречека со негодување, а на крајот од настапот таа доби аплауз. Голан е родена во Кфар Саба, Израел во 2003, мајка ѝ е од Украина, а татко ѝ од Летонија. Илјадници луѓе вчера протестираа во Малме поради учеството на Израел, а најавени се и нови протести.

Во финалето ќе пеат и земјите од големата петорка: Велика Британија, Германија, Италија, Франција и Шпанија, како и домаќинот Шведска. Македонија не учествува на Евровизија втора година по ред.