За да може детето да прерасне во емотивно зрел возрасен човек, кој ќе знае како да ги контролира своите импулси и смирено да ги решава конфликтите, треба покрај себе да има емотивно зрел возрасен човек (во форма на родител или старател) кој е способен да ги контролира сопствените импулси. Само таков човек може да го научи детето како мирно да ги решава конфликтите понатаму во животот. Тука клучна улога игра емпатијата. Способноста да се препознаат и именуваат сопствените емоции и вербално да се изразат го спречува физичкото насилство.

Емоциите не смеат да бидат негирани или воздржани, ниту казнети. Насилни реакции во однесувањето како резултат на емоции и тоа како мора да бидат контролирани. На децата мора да им се дозволи да бидат бесни, лути, тажни и исплашени, но мора да разберат дека не е во ред да удираат некого од гнев или да кршат играчки, на пример. Децата на кои им е дозволено да чувствуваат лутина нема да станат насилни. Но, како да се направи тоа?

Да ја замислиме следнава ситуација: две деца, двајца браќа, си играат во соба. Едниот гради кула од коцки, а другиот се обидува да го стори истото. Во еден момент слушате крик, гледате дете на под, на грб како плаче, а насекаде има коцки. Првата работа што ја правите е да проверите дали децата се добро и да се осигурите дека нема сериозни повреди. Кога ќе се уверите во тоа, а детето ќе се смири, се соземаме, ако треба броиме до 10 и се вртиме кон другото дете.

Родителот: „Што се случи?“, со мирен тон.

Детето: „Тој ми ја сруши кулата со коцки и јас го турнав“.

Слушате и го прифаќате тој одговор. Дополнителните коментари од типот „што му направи?“ не само што не се сочувствителни, туку на тој начин се чини дека заземате страна и не сте конструктивни во решавањето на конфликтот, бидејќи токму тие коментари се покана расправијата да ескалира. На крајот прашувате „што се случи потоа“ и повторно слушате мирно и не држите предавања. Во овој момент важно е да се препознае емоцијата за која станува збор, што го натерала детето да реагира како што реагирало, а тоа е најверојатно гнев.

Родителот: „Ми се чини дека си лут затоа што ја срушил кулата што ја градевте“ (именување на емоцијата и покажување емпатија). Чекате да видите дали детето ќе каже нешто на тоа. Можеби е тажен, но тогаш веројатно ќе заплаче и нема да го турне својот брат. Но, вие давате можност да ве поправи.

Родителот: „Разбирам дека си лут што брат ти ја срушил кулата. Во ред е да се лутиш, но не е во ред да удриш некого“ (покажување емпатија и контролирање на реакцијата). „Кога си лут, тогаш можеш да му кажеш на брат ти: Лут сум што ми ја сруши кулата! Не го удираш и не го туркаш. Дали разбираш?“

Така го учиме детето вербално да именува и да ја изразува емоцијата на гнев, а не преку физичка реакција на удирање. Самиот факт што му кажувате на вашето дете дека е во ред да го чувствува она што го чувствува (емпатија), ќе почне да го смирува. Потоа му велите да му каже на својот брат: „Бесен сум што ја сруши кулата“. Го прашувате второто дете: „Слушна ли што рече брат ти?“ Потоа направете слична емпатична реакција со другото дете.

Родителот: „Зошто му ја сруши кулата?“, без да изгледа како да го обвинувате, со мирен тон.

Додека чекаме другото дете да ни одговори, ако сме сочувствителни, не ги осудуваме децата, туку се обидуваме да размислиме за причините зошто направиле нешто. Во решавањето на конфликтот многу е важно да се пронајдат позитивни мотиви/намери кои го навеле лицето да реагира на одреден начин. Тоа е емпатичниот дел, што не значи дека бараме причини да го оправдаме насилното однесување. Не, сосема спротивно, ние се обидуваме да ги разбереме намерите за да можеме да го контролираме однесувањето со емпатија. Тоа се намери кои не содржат ништо лошо во себе. Можеби некое постаро дете сака да си игра само. Навистина нема ништо лошо во тоа. Но, ако помладото навистина сака да биде со својот брат и не го разбира тоа, настанува конфликт. Ако постариот сака да биде сам, а ние сме сочувствителни, тогаш ја почитуваме таа желба. Да му кажете дека „не е убаво“ што нема да си игра со својот брат не е ниту сочувствително ниту навистина точно. Нема ништо лошо или негативно во тоа. Желбата да си игра сам е позитивна (добра) причина за конфликт. Има моменти кога дури и ние возрасните сакаме да бидеме сами. Децата ги имаат истите права. Сега го проверуваме ова со емпатично прашање:

Родителот (на детето што ја срушило кулата): „Сакаш да си играш со коцките со брат ти?“

Детето: „Да!“

Родителот (на детето чија кула се сруши): „Дали сакаш да си играш сам?“

Детето: „Да!“

Емпатична реакција на родителите: „Разбирам дека сакаш да играш сам. Тоа треба да му го кажеш на твојот брат“.

И вие буквално барате од него да го погледне својот брат в лице и да ги каже овие зборови.

Емпатична реакција од истиот тип кон помалото дете: „Сакаше да си играш со коцки со брат ти, а тој да не ти дозволи, па ти се налути и му ја сруши кулата?“ Да претпоставиме дека е така.

Родителот: „Тогаш му кажуваш на брат ти дека сакаш да си играш со него, не му ја рушиш кулата. Добро? Но, ако твојот брат сака да игра сам, тогаш треба да го прифатиш тоа и да го оставиш да игра сам. Кога сакаш и ти да играш сам, можеш да му го кажеш истото. Дали ме разбра?“

Овде зборувам за деца кои имаат развиено јазични вештини и се доволно возрасни. Сепак, родителите не треба да мислат :„Еднаш кажав и сега сѐ ќе биде поинаку“. Не, ова веројатно ќе мора да се повтори многу пати додека не се всади во системот на вредности на детето и не стане секојдневен и дополнителен метод за решавање конфликти. На тој пат мораме постојано да бидеме сочувствителни и во други ситуации.

Овде е опишано едно сценарио кое може да има различни исходи во зависност од она што детето го кажува. Она што е важно е дека што и да каже детето, емпатично му објаснуваме дека е во ред да се биде сам и да сака да си игра заедно со некој друг. Да ги научиме да си ги искажуваат еден на друг, а и на родителите, своите желби и емоции кои ги чувствуваат – на вербален начин. Како сочувствителен родител, треба да им објасниме дека е во ред да се има лут тон и да се каже: „Лут сум, ми ја сруши кулата, престани“, но не е во ред да удираат, клоцаат, кршат и фрлаат играчки и предмети. Откако ќе почувствуваат дека е во ред да се лути, и ќе научат да го изразуваат тоа вербално, нема да имаат потреба да го изразуваат тој гнев и физички.

Но, ние самите мора да знаеме да ги изразиме нашите потреби и емоции вербално и ненасилно. Родителите кои не го знаат тоа ќе имаат проблеми во овие ситуации. Кога детето вика, тие уште повеќе ќе викаат. Кога детето не слуша, тие исфрлаат бес како мали деца и се закануваат со последици. Мора да бидеме свесни дека кога возрасен во конфликт реагира со викање (освен во случаи опасни за живот), тогаш тој во тој момент повеќе не е возрасен.

Тоа е однесување на ниво на дете и најбуквално изразување хистерија кај возрасните. Хистеријата или изливите на гнев на мало дете се манифестираат во телото на возрасен во форма на: викање, пцуење, навредливи зборови и вербални напади, лаги, манипулации, удирање со раце по маса или удирање по врати, одбивање на одговорност и физички пресметки. Размислете за ова следниот пат кога ќе влезете во конфликт или со дете или со друг возрасен. Децата не можат да научат да ги контролираат своите импулси покрај возрасна личност која не знае како да ги контролира сопствените. Оваа психологија едноставно не постои.

Автор: Лидија Смирнов/ професор по англиски јазик и педагог

Извор



912

X