„ПРВ РОДЕНДЕН НА ГОЦЕ СО СПЕЦИЈАЛЦИ И БАРИКАДИ“: Апасиев се поклони во Кукуш, не во Скопје
Објавено во: Македонија 04 Февруари, 2023
Делегација на Левица, предводена од Димитар Апасиев, го посети Кукуш (Егејска Македонија) – родното место на македонскиот револуционер, Гоце Делчев. Истовремено, Апасиев денеска, пак порача дека во Скопје се слави роденденот на великанот со специјалци и барикади.
Во стариот дел на градот, каде што се претпоставува дека некогаш се наоѓала родната куќа на Делчев, делегацијата составена од членови на ЦК на Левица оддаде почит, положи свежо цвеќе и одржа пригодна беседа, во знак на незаборав и непокор на македонската кауза...
***
„Нема родендени со премолчени места на раѓање!
Нема родендени со наведнати глави!
Нема родендени со страв од името на Славеникот!
И досега можеа да дојдат овде Учителе, во твоето родно место, во Кукуш – градот на Делчев и на Влахов, ама се плашеа од твојот прекор, оти си ги продадоа душите, ја запустија земјата и се одрекоа од себе си.
Македонија денес е оваа нова освестена генерација предводена од Левица, составена од млади и борбени луѓе, кои на Твојот роденден во Твојот роден Кукуш го носи крикот на обесправените, понижените и негираните! Ама, го носиме и заветот кој извира од утробата на Македонија – дека не е доцна да се исправиме и да си ја сетиме силата.
Додека националните изроди коленичат пред амбасадите во Скопје, ние – здружени во Левица – го следиме Твојот пат! Одлучно тргнавме по патеката на правдата, националното достоинство и надежта на обесправените – пат кој единствено води до светот како поле за културен натпревар меѓу народите.
Тргнавме лево, почитувајќи ја народната волја, и стигнавме до колевката на Македонското револуционерно движење.
Среќен ти роденден, Учителе!“