Игор Димески: Минималната пензија да изнесува 2/3 од оптималната плата

  • Интервју на Игор Димески, носител на листата пратеници на Левица во ИЕ 6 за порталот Работник.мк.

Денеска разговараме со носителот на Изборна единица 6 од политичката партија Левица, Игор Димески. Темите се однесуваат на работничките права, нивно подобрување, што партијата ќе направи за пензионерите…

Како ја оценувате моментална состојба со работничките права во Македонија?

– Во последните неколку години, ситуацијата која се однесува на работничките права се поставени на најниско можно ниво од периодот на осамостојувањето на нашата држава. Во тој контекст, би сакал да посочам на донесувањето на законот скроен по мерка на мнозинството во Парламентот, случајот – Бехтел-Енка. Во овој случај бурно реагираа пратениците на Левица, и посочија на исклучително штетните последици за македонските работници, кои и денес  ги чувствуваме, а се однесуваат на зголеменото работно време од 60 часа неделно, за разлика од просечното, претходно работно време од 40  часа неделно. Со спроведувањето  на Законот за работни односи, се урнисаа темелите врз кои се крепеше работникот, а со неговото спроведување, работниците беа доведени во незавидна позиција и уценети со пролонгирање на работното време, со што и директно се загрозија неговите права.

Што е она што е потребно за да се подобрат работничките права, особено во внатрешноста на Македонија, каде владее поголемо беззаконие?

Во контекст на подобрување на работничките права на ниво на цела Македонија, на почетокот можам слободно да кажам, истото беззаконие владее како во внатрешноста на Македонија, така и во главниот град Скопје, нема големи разлики. Во поглед на подобрување на работничките права, сметам дека се потребни порадикални и поостри мерки за драстични промени. Промените се однесуваат на политичко-економските промени, кои ги нуди Левица во својата Програма. На ниво на Република Македонија потребно е да се воведат законски норми, кои се однесуваат на еднаквите работнички права, како што се: трансформација на прикриените работни односи во законски, исплата на додатоци на плата и годишен одмор, почитување на мајчиното отсуство, заштита на синдикалните организации и задолжителни трудови инспекции, кои ќе реагираат во најкус можен рок по пријава на работник. Тука ќе ја споменеме и исплатата, односно неисплатата на К-15 и нејзино враќање од страна на работниците, која е апсолутно недозволива.

Веќе е познато Вашето ветување за минимална плата која предвидувате да изнесува 2/3 од потрошувачката кошничка, но дали сметате дека е дојдено време да се зборува за воведување на ПЛАТА за ЖИВОТ која покрај покривање на основните трошоци, на работниците ќе им овозможи и да заштедат пари од платата, нешто што сега е речиси невозможно? 

Ние во Левица она што Вие го викате плата за живот, ние ја нарекуваме оптимална плата. Кај нас терминот “минимална плата“ е понижувачки термин оти идеологијата и стремежот се работникот и реализирање на неговите работнички права. Борбата е да ја постигнеме целта за усогласување и реализирање на оптималната плата за работниците. Придобивките од воведувањето на законот за оптимална плата вклучува еднакво унифицирање на платата кај сите стопански и нестопански дејсности. Покрај оваа пресметка на плата, ние се залагаме и за воведување на “медијална“, средна плата, покрај просечната, преку која ќе се има увид во животниот стандард на секој граѓанин и работник. Со спроведување и реализирање на овие начела, покрај елементарните трошоци за живот ќе се заштедат пристојни пари, како дел од оптималната плата.

Предвидувате 6-часовно работно време. Како сметате дека оваа идеја ќе биде прифатена од работодавачите?

Како партија, која уште од своите почетоци се повикува и потпира на македонскиот работник и ги штити работничките права, очекувам и верувам дека ќе се спроведе законот за воведување на шестчасовно работно време. Идејата треба да биде прифатена без опструкции ако се стремиме и размислуваме од аспект дека ова работно време ќе донесе поголема продуктивност. Со воведување на 30 часовна работна недела ќе се овозможи намалување на невработеноста, и насочување кон изградбата на личниот и интелектуалниот развој кај секој работник. Во овој случај ние не сме загрижени за мислењето на работодавачите, туку нашата поддршка и грижа е насочена кон работниците.

 Што ќе направите за пензионерите и унапредување на нивниот статус?

Најпрво морам да истакнам дека во денешно време, пензионерите се главните финансиери во своите семејства или пак семејствата на нивните деца, поради месечното сигурно примање. За да бидат ослободени финансиски пензионерите, потребно е да се воведе шестчасовно работно време за помладите и поголема вработеност на истите, за да не бидат парично зависни од родителите. Со уредување на тоа поглавје ќе може да им се обезбеди на македонските пензионери, спокојна и мирна старост, со што ќе се спроведе исплата на минимална пензија, која ќе изнесува 2/3 од оптималната плата. Со нивното порано пензионирање на возраст од 62 години – мажи и 60 години – жени, се предвидени пристојни услови за живот на пензионерите преку изградба на државни пензионерски домови и клубови за нивна социјализација во периодот на третата животна доба.