Бишевац во СТУДИО 10: Граѓаните беа незадоволни, а голем удел во тоа имаше ДУИ

Големата излезност е нешто што укажува дека граѓаните се свесни оти тие можат да влијаат на насоката кон која ќе се движи државата. Мислам дека следниот чекор е да се воведе една изборна единица со што сите ќе бидат поправично застапани. Сепак, мора да се каже дека ова беа добро организирани избори кои поминаа мирно и укажуваат дека ние можеме да станеме членка на ЕУ, вели претседателот на Бошњачката народна партија Сафет Бишевац во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Тоа што Артан Груби како вицепремиер објави на социјалните мрежи дека не гласа за претседател беше порака до гласачите што влијаеше, но не во голема мерка. Тоа е неприфатливо затоа што станува збор за висок државен функционер. Бојкот е оправдан ако изборите не се фер, но ние веќе неколку изборни циклуси имаме фер и демократски избори, вели Бишевац.

Бишевац вели дека дека во целата изборна приказна има само еден голем губитник, а тоа е СДСМ кој постигна историски лош резултат.

- Тие пред изборите едноставно не сакаа да видат дека ја немаат поддршката од граѓаните. СДСМ по Заев се претвори во трговско друштво каде преовладува незнаењето и единствена цел е личното богатење. Мислам дека веднаш треба да се тргне во борба против канцерот што ни ја разјадува државата, а тоа е корупцијата и криминалот, вели Бишевац.

Според Бишевац, добриот резултат и големата победа на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на незадоволството на граѓаните. Тој додава дека е добро што се појавија и постигнаа завидни резултати партии како Левица, ЗНАМ и Влен.

- Суштината е дека Македонија е најголемиот добитник со ваквата разврска на изборите, вели Бишевац.

Бишевац вели дека најголема штета на СДСМ им нанесе ДУИ со начинот на однесување и постапување, како и општиот впечаток на луѓето дека тие ја водат државата а не премиерот.

- Мислам дека заминувањето на ДУИ во опозиција ќе биде добра работа за ДУИ за да реформира партијата. Таа е апсолутен зависник од првиот човек на лидерот на партијата Али Ахмети. Поединци се најдоа на позиции поради него и направија штета не само на државата туку и на Ахмети личн, вели Бишевац.