Одбраната на Жан Митрев ќе се жали во Стразбур поради нарушена пресумпција на невиност

11.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Одбраната на Жан Митрев ќе се жали во Стразбур поради нарушена пресумпција на невиност

Одбраната на Жан Митрев на последното судско рочиште најави дека ќе се жали во Судот за човекови права во Стразбур откако Основниот суд во Скопје не дозволи одлука за прекршување на пресумпција на невиност со соопштението на Јавното обвинителство за случајот Жан Митрев. Првично беше поднесено барање за повреда на чл. 2 став 1 и 2 од Законот за кривична постапка и чл. 6 став 2 од Конвенцијата за заштита на човековите права, како основни елементи за заштита на правото за фер и непристрасно судење и заштита на пресумпцијата на невиност дека никој не смее, ниту суд, ниту државен орган особено Јавно обвинителство со моќта што ја има, да прејудицира пресуди.

Обвинителството со објавување на соопштението директно ја повреди пресумпцијата на невиност на обвинетиот. Во повеќе наврати во содржината на соопштението за д-р Митрев го употреби зборот обвинет, иако според ЗКП и Конвенцијата за заштита на човековите права во ова фаза од процесот може да биде само осомничен.

Најјасна потврда дека со соопштението е сторена повреда на пресумпцијата на невиност е тоа што во ниту еден дел од соопштението не е направена разлика во изборот на зборовите, а тоа е дека пред правосилна пресуда обвинетиот е само осомничен дека сторил дело. Напротив, зборот осомничен за кривично дело не е ниту спомнат, туку јасно се рефлектира мислењето на државниот орган, дека е виновен.

Европскиот суд за човекови права има заземено јасни ставови дека пресумпцијата на невиност ќе биде повредена со изјава на јавен службеник која креира мислење дека обвинетиот е виновен пред тоа да биде докажано со правосилна пресуда. А токму, јавното пренесување на деловите од соопштението каде е употребата квалификацијата со која се пресудува на обвинетиот, според практиката на Европскиот суд за човекови права, ја чини повредата на пресумпцијата на невиност сторена со соопштението уште потешка.

Одбраната даде осврт на трите точки на соопштението каде наместо да се наведе осомничен, се споменува зборот обвинет што е спротивно на судската пракса, што судот го одби како барање. Одбраната во своето излагање потенцираше дека Обвинителството со ваков тип на соопштение се обидува да влијае на Судот и пред време го осудува осомничениот. За обвинителката барањето на одбраната за одлука за сторено прекршување на пресумпцијата на невиност е губење време.

По ова продолжи сведочењето на двајца сведоци.

Едната од сведоците чиј татко бил донесен во Клиниката Жан Митрев со сатурација 45% од Клиниката за очни болести, објасни дека никогаш не се видела со Жан Митрев и не разговарала со него, но мислела дека со хемофилтрација ќе го спаси татко ѝ. Верувала во методата, а информацијата ја добила од јавноста, од луѓе, од медиуми, но ни еден не бил доктор во Клиника Жан Митрев.

Вториот сведок го однела својот татко во Клиника Жан Митрев зашто сметала дека таму ќе добие најдобра грижа. Како што посочи одбраната во вкрстеното испрашување, нејзината мајка и сестра испраќале пораки со благодарност до докторскиот тим, затоа што лавовски се бореле, внимавале на пациентот, па дури и му пуштале музика. Таа објасни дека никогаш не разговарала со доктор Митрев, но дека нема да се смири додека тој не биде обвинет за виновен.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата