Вејсели за ТВ 24: Единствено интересно во оваа кампања е што луѓето молчат

Мислам дека воопшто не е креативна кампањата. Од утре ќе почне кампањата за парламентарни избори но веќе ги гледаме идните пратеници како стојат зад кандидатите за претседатели. Мислам и дека кампањата е само празни зборови, но очекувам дека за вториот круг претседателски избори и за парламентарните избори кампањата да биде поконкретна. Оние кандидати за претседател што очигледно ќе одат во вториот круг зборуваат за зголемување на плати и пензии, ама нашето стопанство нема кој да го носи оти добар дел од луѓето што треба да ја носат економијата си заминаа. Останаа или многу сиромашни или екстремно богати како што е можно тоа само на Балканот. Ако претседател нема ингеренции во економијата, зошто тогаш кандидатите зборуваат за покачување на плати и пензии? Буџетот нема пари и ако нема реформи од следната влада кој и да дојде ќе биде исто оти сме свикнале на непотизам и корупција. Нам ни треба правда и правдина,  вели поранешниот пратеник Абдулади Вејсели во емисијата 24 анализа на ТВ 24.

 - Јас многу пати сум го потпишувал тој Кодекс за фер избори, ама прашање е колку се почитувал. Странскиот фактор треба да има поголемо набљудување на овие избори оти тие ќе бидат тешки и во вториот круг и на парламентарните избори очекувам во кампањата да излезат многу валканици. Нема да има инциденти оти сега се луѓето пообразовани. Она што е интересно е што луѓето молчат. Мислам дека овие што се на митинзи ги шетаат со автобуси. Не сум сигурен ни колкава ќе биде излезноста оти многу луѓе се во странство, а таму е покомплицирано да се гласа. Сега кампањата е мртва. Да видиме што ќе се случи, а тоа ќе решат гласачите, вели Вејсели.

Вејсели вели дека на националистичка основа повеќе не се добиваат избори и дека поради таквиот вокабулар голема е веројатноста да отпадне Силјановска Давкова оти отсега ги дели луѓето.