Промовирана новата генерација полициски службеници

Во центарот за обука на МВР во Идризово денеска беше промовирана новата генерација на полициски службеници кои успешно ја завршиле едногодишната обука. Се работи за 508 нови припадници на полицијата.

Од нив 416 се мажи, а 92 жени. Новите полициски службеници ги поздравија и им посакаа успех во работата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев и техничкиот премиер Талат Џафери.

На настанот присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во земјава. Покрај националната химна, новите професионални полицајци на церемонијата ја запеаја и песната „Бисер балкански“.

На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, на кого му беше доделена свечена плакета од премиерот.