Производителите на батерии ќе се соочат со построги стандарди за заштита на животната средина и длабински анализи доколку сакаат да го продаваат својот производ на европскиот пазар

Влијанието на батериите на електричните возила врз животната средина и општеството ќе биде значително подобрено со новиот закон кој го усвоија пратениците на Европската унија. Согласно новата Регулатива за батерии, се менуваат сегашните правила за набавка, производство и рециклирање на батерии за електрични автомобили. Затоа, од јули 2024 година, сите производители на батерии кои сакаат да продаваат во Европа ќе мора да поднесат извештај за целокупниот јаглероден отпечаток на производот, од рударство до производство и рециклирање. Овие податоци потоа ќе се користат за да се одреди максималната граница на CO2 за батериите што ќе се применува од јули 2027 година, и да се осигура дека компаниите користат чиста енергија наместо фосилни горива.

Компаниите кои продаваат батерии во ЕУ, исто така, ќе мора да ги почитуваат правилата дизајнирани за да се спречи злоупотреба на животната средина, човековите права и трудот во нивните синџири на снабдување. Законот ќе бара од производителите на батерии да идентификуваат, спречат и решаваат широк спектар на проблеми, од загадување на водата до права на заедницата, пишува Transport and Environment.

Од 2027 година, производителите на батерии ќе мора повторно да користат (рециклираат) 90% од користениот никел и кобалт, што ќе се зголеми на 95% во 2031 година.

Новите правила се исто така добра вест за растечката европска индустрија за батерии. Законот ќе гарантира дека производите направени од новите европски играчи не можат да бидат поткопани со увезени батерии произведени со помош на електрани на јаглен и со мало почитување на човековите и работничките права. Тоа, исто така, ќе ги зголеми инвестициите потребни за воспоставување поголем капацитет за рециклирање и создавање локални работни места во Европа.