Технолошкиот гигант САП (SAP) вчера стана највредната компанија во Европа. Германската компанија ја помести данската фармацевтска компанија „Ново Нордиск“ од првото место.
По растот на акциите на САП, вредноста на компанијата достигна 311 милијарди евра.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Гаража во скопски Центар чини колку стан во внатрешноста
Градежната експанзија, особено во центарот на градовите, го направи паркирањето најлошо искуство. Од друга страна, граѓаните што поседуваат паркинг-места или гаражи добија можност да развијат плоден бизнис. Огласите за продажба на гаражи и места за паркирање, особено во центарот на Скопје, достигнуваат суми со кои во помалите места може да се купи пристоен стан.
На пример, во еден оглас за продажба на гаража за три возила во Дебар Маало се бараат 50.000 евра. Во Аеродром, кај поликлиниката „Јане Сандански“, на продажба е гаража од 17 квадратни метри, со две врати, струја и вода за 25.000 евра. За 20.000 евра може да се купи гаража со истата површина кај Зелен пазар. Оваа гаража може и да се изнајмува за 10.000 денари месечно.
Ќе имаме бесплатни дигитални паричници
Владата подготвува измени на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со што се врши усогласување со европската регулатива од оваа област и се уредуваат условите за издавање дигитален паричник. Во нацрт-законот, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), се превидува Министерството за дигитална трансформација да го воспоставува и води издавањето на дигиталниот паричник.
Во документот се додава дека дигиталниот паричник може да го користат физички и правни лица, но дека тоа не е задолжително.
Дигитален паричник e средство за електронска идентификација што му овозможува на корисникот да чува податоци, овластувања и атрибути поврзани со неговиот идентитет, да ги доставува по барање на засегнатите страни, да ги користи за автентикација (онлајн и офлајн), како и за создавање квалификувани електронски потпис и печат.
Маск, „Мајкрософт“ и „Блекрок“ влегуваат во проект за вештачка интелигенција
„Мајкрософт“ (Microsoft) и „Блекрок“ (BlackRock) ги здружуваат силите со еден од своите најголеми ривали. Овие две компании, заедно со третиот партнер - МГХ (MGX) од Абу Даби - заеднички работат на иницијатива за изградба на дата-центри и друга инфраструктура поврзана со вештачка интелигенција (ВИ) вредна 30 милијарди долари, а минатата недела објавија дека им се придружува и „Екс еј-ај“ (xAI) на Илон Маск.
Во иницијативата официјално ќе се придружи и „Енвидија“ (Nvidia), која веќе има улога на технички советник на групата компании.
Групата поддржана од „Мајкрософт“ ќе се преименува во АИП (AI Infrastructure Partnership / АIP) и ќе се фокусира на инвестиции во инфраструктура – вклучувајќи енергетски проекти – главно во САД, a дел од парите ќе биде распределен во партнерски земји, според компаниите. Планот предвидува привлекување дополнителни инвеститори.
Како да се приспособи работното опкружување за лицата со АДХД?
АДХД или синдромот на дефицит од внимание и хиперактивност (англ. Attention Deficit Hyperactivity Disorder) погодува многумина и им создава тешкотии на работа. Меѓутоа, ако работното место се приспособи на лицето, а не лицето на работното место, различноста на невродивергентните лица може да открие многу предности за кои работодавците често не се свесни.
Нервниот систем на лицата со АДХД е уникатен и на поинаков начин ги регулира вниманието и емоциите. И покрај поврзаноста на АДХД со тешкотии во учењето, повеќето од тие луѓе имаат значително поголем коефициент на интелигенција од просекот. Тие исто така го користат тој поголем IQ на поинакви начини од невротипичните луѓе.
Апсењата на опозициските лидери во Турција се ризик за економијата
Турските власти го оправдаа апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, непосредно пред неговото назначување за шеф на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) поради сомневање за корупција и терористички активности, бидејќи тој наводно соработувал со забранетата курдска партија ПКК.
Апсењето ја разниша довербата на инвеститорите и бизнисмените во земјата, која полека почна да закрепнува од длабоката економска криза по последните претседателски избори во мај 2023 година, а опозицијата го нарече „државен удар против нашиот иден претседател“.
Сè поголем број луѓе, особено студенти, веќе неколку дена протестираат за поддршка на Имамоглу, кому судот му одреди притвор, а чија партија го предложи за кандидат за претстојните претседателски избори. И покрај официјалната забрана за протести, толпи млади луѓе продолжуваат да се собираат на протести, а неодамна изби и насилство откако демонстрантите се судрија со полицијата.