По една година пронајдено лицето што го запали мостот Беласица
Објавено во: Македонија 10 Мај, 2024
По една година од инцидентот, идентификувано е лицето што го запали мостот Беласица кај Автокоманди и против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Техничкиот министер за вантрешни работи Панче Тошковски сепак нагласи дека пријавениот И.Х. од 12.09.2023 година веќе се наоѓа на издржување казна затвор во КПУ "Скопје" за друго дело - тешка кражба.
На 11 мај 2023 под мост "Беласица“ предизвикан е пожар на "просторија за компензација на тополовод", на левиот брег на реката Вардар, кој се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ - снабдување со топлина, при што предизвикани се и топлински оштетувања на наведениот топловод како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот.
Мостот беше затворен за сообраќај поради несигурност и долго време беше тестиран. Откако беше утврдено дека нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста, од 02.09.2023 година мостот на булеварот „Беласица“ беше отворен за сообраќај само за лесни возила по една лента.