Нема зелено без црвено

22.04.2024 01:03
Нема зелено без црвено

Бројните идеолошки кратки споеви, настанати во сенка на пропаста на социјалистичкиот проект од дваесеттиот век, сè уште пресудно ги обликуваат политичките координати во кои живееме и размислуваме за светот. И велат дека левицата денес, главно сфатенa како продолжена рака на либералниот естаблишмент, функционира како чувар на политичките вредности кои се во спротивност со расположението на таканаречените широки народни маси. Значи, ја презема улогата на скротувач на барањата и склоностите на масите и ги наметнува критериумите на животните стилови и однесувања кои наводно не се во склад со обичните желби на обичните луѓе. Меѓу овие критериуми дефинитивно е и екологијата која, смета десницата, а и пошироко, служи како средство за ограничување на слободата на луѓето кои некгоаш, сега веќе и одамна, биле наклонети кон левицата како опција која го канализирала нивниот бес и фрустрациите.

Неспорно е дека изминативе дваесетина години левицата во просторот кој со геополитички жаргон се нарекува евро-атлантски, вклучувајќи ги и приврзоците меѓу кои спаѓа и нашиот регион, не успеа да ја увери работничката класа дека еколошките теми се политички приоритет. Секако, постојат и делови од левицата кои мислат дека тие теми ионака и не се приоритет и дека служат за одвлекување на вниманието од клучните економски проблеми. Таквиот рефлекс е разбирлив во контекст на постојаните политички порази, но често е и прв чекор при премин во противничкиот табор. Тешко е да се пронајде пример на политичко дејствување и теми во кои левицата ужива доверба кај слоеви од работничката класа, но овој е индикативен на повеќе нивоа.

Покрај очигледното политичко неснаоѓање постојат и објективни пречки во организирањето и солидарноста кои прашањето за соочување со климатските промени би го евакуирале од техничкиот и животно-стилскиот терен на оној политичкиот. Тоа мошне концизно го објави стручњакот за климатска политика Крис Шо во неодамнешното интервју за Phenomenal World. За почеток, треба да се истакне дека фосилните горива ги поттикнуваат индивидуализираните општествени навики, особено во сферата на потрошувачката. Луѓето едноставно сè помалку зависат од другите луѓе во задоволувањето на основните потреби. На најбанално ниво едноставно патуваат со автомобил во супермаркет и купуваат сè што им треба во склад со приходите. Не им треба колективниот ангажман на соседството за обезбедување на клучните потреби и желби, туку можат да уживаат во „слободниот“ индивидуализиран избор. Фосилните горива ја овозможија инфраструктурата која индивидуализираниот однос кон задоволувањето на потребите и решавањето на општествените потреби го прави природен. Инфраструктурата и технологијата во значителна мера одредуваат што е природно и нормално - меѓу другото и затоа што не се настанати спонтано туку како одговори на конкретните економски предизвици - и затоа обичните политичко-реторички уверувања никогаш не се доволни за сериозни промени. А климатската акција мора да биде колективна.

Политичката уверливост на зелените политики за работничката класа зависи и од она што го нудат зелените политики со нивното непосредно искуство на работното место. Како што истакнува Шо, на доставниот работник во Амазон му е сеедно дали доставата ја врши со електрично возило или со возило на фосилен погон. Поголем дел од зелените политики од работништвото бараат прилагодување без да се доведе во прашање нивната позиција во работниот однос. Ако новите, наводно судбински политики, не менуваат ништо на работното место каде сè уште немате никаква автономија и во секој момент сте принудени да му се покорите на диктатот на менаџерот или алгоритамот, тогаш мошне извесно е дека слободата ќе ја барате во политичката сфера. А ако некоја си левица ви поставува разни ограничувања кои инаку ги трпите половина ден, тогаш е сосема разбирливо да се насочите кон десната опција која наводно се бори против таквите ограничувања, иако воопшто не се грижи за недостатокот на автономија на работното место.

Покрај искуствата на работното место, технократскиот жаргон кој преовладува во дискусиите за климатските промени и методите за дејствување, не ги зема предвид ни просторните хоризонти кои пресудно ги одредуваат идеите за планетата, климата, меѓузависноста и замислувањето на промените. Најновите истражувања, посочува Шо, покажуваат дека повеќето возрасни припадници на работничката класа живеат во радиус од 20 километри од своите родители. За разлика од членовите на средната класа кои живеат во други делови од земјата во која се родиле па и светот, работничката класа просторно е мошне ограничена и не го смета, како нивните класни странци, „целиот свет за свој дом“. Затоа климатските промени првенствено ги сфаќаат преку состојбата со дрвјата на улицата во која живеат или во врска со блиската река. Приказната за глобалните емисии во нивните уши не создава политички учинок како кај „светските патници“ кои имаат привилегија да мислат на целиот свет. Тоа не значи дека емисиите и научните студии се неважни. Тоа само значи дека тие самите по себе не делуваат политички уверливо без да се земе предвид социјалната и класната позадина на оние кои треба да бидат уверени.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Guffo

Извор: https://www.bilten.org/
 

ОкоБоли главаВицФото