Рубрика: Аеронаутика
Најмалиот двомоторен авион Кри-Кри
Објавено на 23.04.2024 - 17:00

Исконската желба за  конечно беше реализирана со првиот лет на браќата Рајт во 1903 година. По него се случува релативно брз развој на воздухопловството. Некаде тука се раѓа и желбата да се поседува сопствен авион, што ќе му овозможи на сопственикот да лета кога и каде же посата. Оваа желба конечно ќе ја изнедри и категоријата на ултра лесни летала. Направени се многу типови на вакви летала, со помал или поголем успех. Но, едно од нив се издвојува со својата популарност, а тоа е УЛВ авионот Кри-Кри кој е најамалиот двомоторен авион. Иако е создаден одамна, неговата популарност и понатаму расте, сѐ повеке и повеќе, па се појавуваат разни верзии, со разни мотори. Во овој кус напис ќе се обидам да го опишам ова прекрасно “авионче”...

Дизајнер на симпатичниот авион е францускиот авиоинженер Мишел Колoмбан. Дизајниран во раните 1970-ти години, авионот ќе биде именуван по една од ќерките на Коломбан, Кристин, поточно ќе го добие нејзиниот прекар Кри-Кри, што во францускиот јазик истовремено e и ономатопеја за звукот што го испушта штурецот (cricri).

Ултралесниот авион изработен во семејната работилница на Коломбан својот прв лет го има на 19 јуни 1973 година. Кри-Кри ќе остане најмал двомоторен авион во светот, управуван од екипаж. Коломбан го дизајнирал леталото да може лесно да се конструира и лета, а близината на двата мотора еден до друг, сместени околу централната линија, значи дека може да го управуваат и пилоти квалификувани за управување авиони со само еден мотор. Ова се должи на тоа што дури и при целосен отказ на еден од моторите, со пуштени контроли,  единствениот ефект би бил само мал наклон на авионот. Имено, линијата на пилотската кабина е мошне внимателно дизајнирана, и при таква состојба, таа го насочува ефективниот проток на воздухот преку површините на опашката.

Авионот на склопување  е дизајниран со намера да биде лесен за складирање и за превоз со приколка, при што секое склопување и расклопување трае само 5 минути.

По концепција Кри-Кри е нискокрилец, има ниско поставено крило на трупот, едносед со затворена пилотска кабина, со фиксен стоен трап од типот трицикл, со два исти мотори “залепени со греди на носот на авионот во трактор конфигурација. Авионот е изработен од алуминиумска обвивка (легура дуралуминиум), залепен на Клегацел пена. Крилата со распон од 4,9 метри имаат Вортман аеропрофил од 21,7% и имаат вкупна површина од 3,1 m². Авионот е исто така способен за акробации во рамки на ограничувањата што ги имаат сите авиони со 2 мотора.

Првиот лет на прототипот бил изведен на 19 јули 1973 година и во рок од неколку дена се покажало дека тој е лесен за летање и способен за основски акробации, при што издржал оптоварувања од +10G и од –5G. Погонската група се состоела од два мотора од типот Rowena 6507, едноцилиндрични двотактни мотори со моќност од 6,7 KW (9,0 КС) и тежина од 6,5 kg.

 По успешниот тест на прототипот MC-10 Cri-Cri и градбата на првите неколку авиони, биле изработени и други варијанти: MC-12 Cri-Cri, кој постигнувал брзина на крстарење до 185 km/h и имал домет од 500 км,  MC-15 Cri-Cri кој бил опремен со два мотора од типот JPX PUL 212 со моќност од 11 KW (15 КС) и MC-15 Cri-Cri Jet, кој имал турбомлазни мотори од типот PBS-VB-TЈ20 со потисна сила од 200 N.

Како и другите авиони на склопување така и постоечките авиони Кри–Кри честопати се модифицирани од страна на домашните конструктори, при што во различен степен се отстапува од оргиналниот дизајн, што пак носи перфоманси различни од оригиналниот авион. Но, една од главните карактеристики е задржана кај повеќето верзии – во случај на отказ на еден мотор авионот сѐ уште може да продолжи безбедно да се искачува.

Во Јуни 2010 година, EADS соработуваше со Aero Compositeс Saintonge и здружението Гринкри-кри по што на саемот за зелена авијација во Ле Бурже беше претставен Кри-Кри модел со електричен погон. Модифицирата основна конструкција изработена од композитни компоненти може да лета 30 минути при брзина од 110 km/h. Авионот користи 4 електрични мотори без четкички со обратноротирачки пропелери, што го прави еден од најмалите авиони во светот кои поседуваат четири мотори.

На 5 септември 2010 година, францускиот производител Електравиа постави нов светски брзински рекорд за авион кој користи литиум полимерска батерија, постигнувајќи брзина од од 262 km/h. За обидот беше користен моделот Кри-Кри опремен со два електрични мотори од по 25 КС. На 9 јули 2015 година оваа верзија на Кри-кри од Електравиа, со електричен погон, прва го прелета каналот Ла Манш, само неколку часа пред тоа да го направи Airbus E Fan, со што стана трет по ред електричен авион што успеал да го постигне тоа. Но, за волја на вистината, при овој подвиг Кри-Кри не полетал со сопствени сили (веројатно за да се заштеди струја од батеријата) туку за полетување бил влечен од друг авион, како едрилица.

Кратко видео за малото авионче Кри-Кри
Клучни зборови: