ВМФЛ: Водечките киксираа кај Осогово и Победа, Брегалница пак во колосек (ВИДЕО)

Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) продолжи во тешки услови и на дожд, а тоа придонесе за неколку изненадувања во актуелното коло во втората по ранг лига во мак-фудбалот.

Водечките екипи Македонија ЃП и Башкими не успеаја да победат. Македонија ЃП одигра реми без голови (0-0) против Осогово, но слично нешто направи и Башкими во мечот против Победа во Прилеп (0-0), па така двата тима остануваат израмнети на врвот на табелата. Брегалница се врати во колосек, затоа што освои три бода на гости кај Кожуф каде славеше со 2-0. Стрелци за штипјани на оваа средба беа Попоски и Чилафи, така тимот ја продолжува битката за едно од местата за промоција.

Скопје на домашен терен во Автокоманда успеа да го победи Борец (2-1). Ерион Шуку и Стефан Богдановски погодија за „пиратите“, додека за велешани единствен стрелец беше Матеј Панов пред крајот на првиот дел. 

Сличен резултат извојува и Новаци пред својата публика, затоа што со 2-1 го совлада Охрид. Двоен стрелец за победникот беше Бобан Здравевски кој како играч на натпреварот реализира во 29. и 58. минута. За охриѓани стрела Ерен Парталко, за 1-1.

Беласица на гостински терен беше подобра од Саса Каменица исто така со 2-1. Саса прва поведе преку најдобриот стрелец Тони Мичковски во 60. минута, меѓутоа струмичани направија пресврт откако во 82. минута автогол си даде Дарко Алексовски, а потоа погоди за победа Огнен Здравковски, додека течеше 85. минута.

Без голови заврши и натпреварот меѓу Вардар Неготино и Детонит Плачковица, додека мечот меѓу Вардарски и Арсими во Богданци е прекинат при резултат 1-2 на полувреме заради дожд.

На табелата на врвот се Македонија ЃП и Башкими со по 49 бода, а веднаш зад нив е Брегалница која има 47 бода. На третото место е Арсими со 42 бода, но и меч помалку заради прекинот. Во зоната за опстанок, Вардарски е последен со осум бода, Борец е пред него со десет, следи Осогово со 17 бода, па Вардар Неготино (21), Победа и Новаци (23)...