Голем дел од нашите животи го минуваме предвидувајќи и очекувајќи различни работи, а промената на плановите може особено да влијае врз нашите деца. Сепак, чувството на разочарување може да биде корисно за детето, особено кога го учиме како да заздрави потоа.

Планиравте да одите на игралиште и почна да врне? Брзавте до слаткарницата на порција од вашиот омилен чоколаден сладолед само за да сфатите дека веќе го немаат тој ден? Да, животот е полн со мали и големи разочарувања. И колку и да сакаме да ги поштедиме нашите деца од ова чувство, не можеме – и добро е што е така.

Разочарување – пат до важни вештини

Кога децата ќе научат да надминат разочарувачка ситуација на рана возраст, тие ќе можат да се потпрат на неа во текот на детството, па дури и како возрасни. Родителите кои се трудат максимално да го заштитат своето дете од разочарување го спречуваат да развие некои важни вештини. Секако, тоа не значи дека не треба да го поддржувате вашето малечко. Ако му помогнете на вашето дете да научи да бара вистинска поддршка, да се потпира на другите, да комуницира добро и да остане оптимист, ќе му помогнете да се справи со она што животот му го спрема.

Најефективниот пристап за да им помогнете на децата да се справат со разочарувањето е да ја приспособите вашата тактика врз основа на тоа како вашето дете реагира во моментот кога ќе наиде на проблем. Еве неколку совети како да го користите тоа во секојдневниот семеен живот.

Кога малите проблеми предизвикуваат големи изливи за бес

Дали вашето дете би се расплакало доколку во продавница го нема неговиот омилен сок? Или можеби се фрла на подот кога друго дете си игра со неговата омилена играчка? Ако и најмалите отстапувања од очекуваното (и замисленото) доведуваат до големи проблеми, или ако вашето дете поминува часови размислувајќи за разочарувањето, тогаш треба да започнете од основното.

Следниве стратегии ќе му помогнат на вашето дете да се справи со разочарувањето без изливи на бес.

Објаснете и потврдете

Научете го вашето дете што може и што не може да промени. Можеби нема да разбере дека проблемот е надвор од ваша контрола или дека нема да го добие она што го сака, ако има излив на бес. Признајте ја неговата неволја велејќи: „Знам дека си вознемирен/а“, а потоа разговарајте за поефикасни решенија.

Откријте во што е навистина добро вашето дете

Изложете го вашето дете од предучилишна возраст на различни активности, додека не најде некоја во која навистина ужива. Ако се најде во непријатна ситуација и се разочара, може да го искористи она во кое е добро и да се насочи кон него. Тоа е како моментален поттик на егото бидејќи може веднаш да го промени неговиот начин на размислување. Наместо да верува дека никогаш ништо не му оди како што треба, детето ќе си рече: ах, добро, следниот пат ќе биде подобро.

Не казнувајте го детето

Не казнувајте го вашето дете за несаканата реакција на разочарување, особено ако е склоно кон солзи. Иако можеби е тешко, сетете се на времето кога и вие сте морале да се ослободите од негативната енергија и добро да се исплачете за да поминете низ тешка ситуација.

Бидете пример и модел за добро справување со разочарувањето

Децата учат многу гледајќи ги своите родители. Затоа, обидете се да се справите со сопствените разочарувања онака како што би сакале. И ако се справите со тоа кажувајќи си изјави како: „Во ред е, не вреди да се мачиш“, кажете ги гласно за вашето дете да види какви алатки користите, со надеж дека ќе научи од нив.

Користете ги разочарувањата како можност да научите лекција

Потсетете го вашето дете дека претходно сте се соочиле со неизвесност како семејство и наведете неколку примери. Потоа кажете дека знаете оти ќе се најде начин не само да го пребродите тоа искуство, туку и за да имате моменти на забава, радост, раст.

Пофалете го детето

Кога вашето дете добро се справува со тешка ситуација, не заборавајте да го пофалите и да му објасните зошто сте горди на него. Пофалувањето на детето во овој момент му помага да стане свесно за неговото позитивно однесување. Исто така, ја зголемува веројатноста дека ќе го повтори истото однесување во иднина.

Што да не кажете кога вашето дете е разочарано

Сите родители имаат најдобри намери, се разбира. Меѓутоа, кога детето плаче и исфрла бес, лесно е да се каже погрешна работа. Овие три работи никогаш не треба да му се кажат на детето, а еве зошто.

„Се однесуваш како бебе“

Не кажувајте: „Се однесуваш како бебе“. Наместо тоа, поврзете се со вашето дете давајќи му до знаење дека е нормално да се чувствува вознемирено. Ова ќе го направи разочарувањето помалку страшно со текот на времето. Кажете: „Во ред е да се чувствуваш разочарано. И јас би бил/а многу вознемирен/а во оваа ситуација“.

„Ајде да го направиме ова наместо тоа“

Не кажувајте „ајде да го направиме ова наместо тоа“. Уште подобро е ако кажете: „Имаш ли идеи што можеме да направиме наместо тоа?“ Поставувањето на вистинските прашања за да му помогнете на вашето дете да дојде до сопственото решение не само што му помага да се чувствува подобро во моментот, туку и му покажува на вашето дете дека може само да најде начини да ја поправи лошата ситуација.

„Не е голема работа“

Не кажувајте „не е голема работа“. Шансите се дека разочарувањето е голема работа за вашето дете, а кога го отфрлате тоа како неважно, буквално му кажувате дека не знаете што е навистина важно за него. Обидете се да кажете: „Знам дека ти е тешко“ или „Да, согледувам. Никогаш не сум поминал/а низ вакво нешто кога одев на училиште, но звучи како да се работи за неволја“.

Животот е полн со разочарувања, но начинот на кој реагираме на тие разочарувања може да значи градење издржливост за да се пребродат тешките времиња во иднина. Децата се природно отпорни и со одлични примери, многу вежбање и многу возрасни кои ќе им помогнат да го видат патот, вашето дете може да научи како да се справи со животните удари.

Извор



912

X