Бременоста е прекрасно и посебно искуство за секоја жена, но некои појави што се случуваат во текот на бременоста може да бидат многу непријатни. Имено, секоја трудница поминува низ големи промени – и физички и психички. Покрај вообичаените симптоми на бременоста како гадење, раздразливост и замор, се јавуваат и други непријатни симптоми.

Гасови

Многу трудници имаат проблеми со гасови и надуеност во текот на бременоста, а како што објаснуваат гинеколозите, за тоа можеме да ги „обвиниме“ хормоните. Имено, во бременоста имаме многу повисоки нивоа на прогестерон, хормон кој го релаксира мазното мускулно ткиво низ телото, вклучувајќи ги матката и гастроинтестиналниот тракт. Нивното опуштање ги забавува дигестивните процеси, што, меѓу другото, може да доведе до гасови и надуеност, како и подригнување.

Често мокрење

Честото мокрење е еден од најраните и најчести несакани ефекти на бременоста, а во повеќето случаи може да трае до породувањето. Хормоналните промени предизвикуваат побрз проток на крв во бубрезите, кои почесто го исполнуваат мочниот меур. Подоцна во бременоста мокрењето е почесто бидејќи матката расте и врши притисок врз мочниот меур.

Зголемен раст на влакната

Поради хормоналните промени, на бремените жени им растат влакна на несакани места, како што се лицето, градите, стомакот или грбот. Иако многу трудници се чувствуваат непријатно поради оваа појава, зголемениот раст на влакната исчезнува по породувањето.

Проблеми со кожата

Поради зголемената работа на хормоните, во третиот месец од бременоста жените почнуваат да се соочуваат со кожни проблеми, како што се мозолчиња, митесери и акни. Исто така, некои трудници доживуваат непријатно чешање, што во ретки случаи може да биде знак за холестаза.

Хемороиди

Повеќето трудници во текот на бременоста добиваат хемороиди, што е последица на запек. Правилната исхрана и добрата хидратација можат да помогнат во решавањето на овој проблем. Исто така, лекарите тврдат дека хемороидите можат да се појават и како резултат на тешко породување.

Крвавење на непцата

Повеќето трудници ќе забележат дека нивните непца станале отечени и чувствителни и често може да крвават. Причината за тоа се хормоналните промени кои во текот на бременоста ги прават нашите непца почувствителни на бактериите во наслагите, кои се акумулираат на нашите заби. Друго име за оваа состојба во бременоста е гингивитис.

Извор



912

X