Вејчеслав Поповски, музички уметник ,апсолвент на Факултетот за музичка уметност на катедрата за соло пеење и неговата втора професија и голема пасија градител на виолини.
Неговата работа и успеси се на повеќе полиња во музиката, класичната музика и соло пеењето се негова љубов уште од најрана возраст кои му донесоа големи успеси и многу први места на многу меѓународни натпревари, потоа голем предизвик беа неговите два концерта: ГАЛА КОНЦЕРТОТ „ЛЕТАЈ ПЕСНО" во 2017 и ГАЛА КОНЦЕРТОТ "ЉУБОВНА ЕЛЕГИЈА" во 2018 година за кои самиот ги напиша аранжманите и сега неговата голема пасија, градењето виолини на која работа целосно се има посветено изминатите години и кој вложен труд во октомври 2023 година му донесе сребрен медал на Меѓународниот натпревар за изработка на виолини - VMAAI 2023 во Тусон - Аризона, САД.
Вејчеслав, приказната за твојата пасија за изработка на виолини, потекнува од твојот прадедо и неговата виолина. Раскажи ни накратко како кај тебе се вроди таа љубов уште од најмала возраст?
-Јас пред се потекнувам од музичко семејство и ние дома имаме доста инструменти, како што е кларинетот на дедо ми, мандолина, две хармоники на татко ми, тарабуки, но имаме и еден за мене посебен инструмент виолина од мојот прадедо која за мене е посебна. Но, покрај толку многу инструменти дома, мој прв инструмент на кој имав желба да свирам беше тапанот и од многу мал почнав да свирам, , почнав и да пеам и да одам на натпревари, но никој не веруваше дека толку млад бргу ќе напредувам во изучување на музиката и ќе добијам желба да оркестрирам музика, а уште помалку дека ќе изработувам инструменти. Виолината од прадедо ми секогаш будеше посебен интерес кај мене и секогаш се прашував како овој мал дрвен инструмент произведува толку магичен звук и моја цел не беше да станам инструменталист и да свирам виолина, јас сепак се одредив да бидам пејач, но звукот на виолината допираше секогаш до мене на посебен начин и целосно ме преокупира и знаев дека нема да останам рамнодушен и дека еден ден ќе изработам своја виолина.
Важиш за самоук, но исклучително талентиран во овој раритет од хоби/професија во нашата земја. Како го „калеше" занаетот?
-Морам да признаам дека јас како човек и уметник сум многу, многу посветен на се што работам, сакам предизвици, па така беше и со мојата желба да започнам со градењето виолини. Но сепак тоа воопшто не е едноставна работа и јас долги години истражував, гледав многу видеа и читав литература, но за цело тоа време знаев и чувствував дека ќе успеам во мојата замисла, зошто човек се раѓа со одредена цел и потенцијал, а школувањето е само надградување на талентот што го носиш во себе. Има една многу важна работа за реализација на секој талент, а тоа е среќата да го сретнеш вистинскиот ментор кој ќе те препознае и ќе те даде вистинска насока и поддршка, ќе ти ја потхранува вербата и ќе те издига на се повисоко ниво на професионалност .
Првата виолина ја изработи на само 17-годишна возраст? Колку беше задоволен од резултатот? Го доживуваш ли сентиментално тој момент?
-Јас отсекогаш имам голема поддршка од моето семејство за сите мои проекти, особено во светот на музиката, мојот сега покоен дедо чие име го носам беше моја најголема поддршка. Исто така беше и за изработката на виолини, моето семејство веруваше во мене и јас многу се посветив и вложив многу време во само едукација, но целата приказна немаше да биде така успешна ако мајсторот Светозар Богдановски од Велес, не го препозна потенцијалот кај мене и не ми ги отвори вратите на својот дом за да ги сподели со мене малите тајни на уметноста во изработката кои ми помогнаа во откривањето на магијата на звукот на виолината. Тоа беше како го викаме „ ветар во грб" за мене како млад уметник, признавањето на напредокот е икачување скала погоре со секој нов изработен иструмент и голем поттик и мотивација за уште поголем успех.
Може ли да ни го доловиш целиот процес на изработка на виолина? Кој е најголемиот предизвик притоа?
-Изработката на виолина е целосно рачна работа и за сето тоа ми беше потребно многу трпение и прецизност, специјален алат кој во тоа време го немав, многу од алатите сам ги приспособував, а некои и сам ги правев. Дрвото за мојата прва виолина кое е специјален босански јавор и смрека сушен многу години ми беше поклон од мајсторот Светозар, кој кога ми го даде, ме праша дали сум сигурен дека ќе можам да го изработам, бидејќи беше многу квалитетен материјал и би било штета да се уништи. И тој беше со мала недоверба дека јас со моите 17 години и без никаква практична едукација кај некој мајстор и образование ќе успеам да изработам виолина. Но јас верував и понекогаш работев со саати без да застанам и после тоа не ги чувствувам рацете, но желбата беше преголема. И таа моја верба во себе ми ја донесе најголемата среќа која сум ја почувствувал, ја држев мојата виолина во раце и ги отсвирев првите тонови. И тогаш сфатив дека се пронајдов себе си во една нова димензија на креирање и создавање трајни вредности.
Што подразбира квалитетно изработена виолина?
-Ново изработена виолина без разлика дали изработуваш копија или личен свој модел, е производ кој никогаш нема поставени лимити и максимуми за квалитет, нема крај, ова е процес на бескрајна креација. А врвот на успехот во изработката е произведениот тон на виолината, на што сите мајстори посветуваат најмногу време и внимание.
За својата работа имаш добиено и многу награди и признанија. Имаш ли некоја која ти е особено значајна во валоризирање на твоите труд и дело?
-Овие изминати години на посветеност и работа вродија со плод и што е многу важно за мене, 2023 година ми донесе сребрен медал на Меѓународниот натпревар за изработка на виолини - VMAAI во Америка каде во конкуренција на искусни градители на виолини од целиот свет, беше посебна чест и задоволство што имав можност да се претставам, а воедно и да освојам награда која за мене претставува големо признание за квалитетот и нивото кое што сум го постигнал, особено што доаѓам од мала земја во која нема голема традиција за градење на гудачки инструменти. Исто така морам да потенцирам дека мојата виолина на натпреварот имаше најспецифичен племенит и конкретен тон, за што добив посебни комплименти и честитки од повеќето виолинисти кои имаа задача да ги свират инстрментите кои беа пријавени на натпреварот.
Имаше прилика да учествуваш и на VSA конвенцијата во Лос Анџелес, каде имаше можност да посведочиш на презентација на уникатни виолини од старите Кремонски мајстори како Антонио Страдивари, Николо Амати, Џузепе Гуарнери дел Џезу и други. Со какво искуство се врати од таму?
-Да , имав можност да учествувам и на конвенцијата каде се сретнав и запознав со едни од најистакнатите мајстори - лутиери на денешницата но за мене уште позначајната работа е што имав можност да држам во рацете виолини од Страдивари,, Гуарнери дел Џезу, Амати кои се многу стари дури и над 100 години. Тоа чувство за еден мајстор е толку посебно што се обидуваш во моментот да го впиеш секој детал и да си дадеш одговор како е изведен и ставен на виолината.
Студираш на Музичката академија во Скопје? Колку студиите ја надополнуваат твојата приказна со изработка на виолини?
-Музиката во сите форми на изразување дефинитивно е тоа што сум јас како човек и ќе биде моја животна определба. Таа секогаш била и ќе остане дел од мојот живот и никогаш нема да се откажам од неа. Јас уште од мал не се фокусирав никогаш на само еден правец во музиката, сакав и класична, и поп музика, но на моето ЦД снимено на 10 годишна возраст се најдоа и неколку народни песни. Исто така за моите два концерти ги подготвив аранжманите, што значи и тоа е нешто што ме исполнува.
Животниот пат е многу непредвидлив и никогаш не можеш со сигурност да знаеш каде ќе те однесе. По завршувањето на средното музичко училиште во Скопје пред пет години, мојот фокус беше на започнување со студиите по соло пеење во Виена и тогаш го запознав и Маестро Пласидо Доминго што беше за мене посебен настан. И се ќе беше можеби поинаку ако не ни се случеше КОРОНАТА и не го доживеавме тој страшен период на изолација каде ние младите се соочивме со студирање онлајн од далечина. И можеби тоа беше пресудно јас да одлучам да го прекинам моето школување во Виена и да продолжам на Факултетот за музичка уметност во Скопје за да го искористам активно времето на изолација за изработка на нови инструменти и усовршување на квалитетот на звукот.
Кон што целиш професионално?
-За 2024 година имам повеќе планови и свои цели. Како апсолвент на Музичката академија сега сум фокусиран на подготовка на мојот завршен концерт со кој ќе го заокружам моето образование во месец јуни на кој верувам дека ќе бидам горд и Ве очекувам да бидете мои гости.
Исто така во план ми е учество на 2024 VSA International Violin Making Competition ( 50th anniversary celebration and 25th International Competition) Indianapolis, USA кој е најголем меѓународен настан и оваа година слават 50 години од своето постоење и секако повеќе изработени инструменти и многу нови остварени соработки во регионот и пошироко за промоција на моите инструменти .
Кога сме кај концертите, настапите и јавните претставувања, морам да се осврнам на фактот дека јас уште од мал имам професионален однос кон сцената и претпочитам професионалност, но и убава гардероба која го отсликува тоа што го носиш во себе и каков човек си. На мое задоволство за целото време на мојата работа ја имам поддршката и на модната куќа „ЕЛЕНА ЛУКА" за што сум и многу благодарен на – Г-ѓа Елена Пандева.
Порака:
Секој човек според мене мора да има свои цели кои ќе го водат по патот во животот и ќе бидат негов поттик за повеќе работа и себе вложување. Секогаш ќе има препреки и разочарувања по патот до успехот но најважно од се е да не дозволиш сето тоа да те скрши и разочара, зошто еден млад човек не смее да се откаже од својот сон. Поддршката е многу важна, а јавното признание е голема мотивација за да продолжиш, бидејќи кога најмногу мислиш дека не постои излез, многу полесно е кога знаееш дека не си сам на патот.
Моето животно мото е
-ВЕРУВАЈ ВО СЕБЕ, ЗА ДА МОЖАТ И ДРУГИТЕ ДА ПОВЕРУВААТ ВО ТЕБЕ
- БИДИ ТОА ШТО СИ, БИДИ СВОЈ, ОРГИНАЛНОСТА Е РАРИТЕТ, НО НЕКОЈ ЗНАЕ ДА ЈА ЦЕНИ!