Повредените од Кочани влегуваат во втора фаза на лекување

Шеесет и осум повредени од пожарот во Кочани се уште се на лекување надвор од земјава. Од министерството за здравство соопштија дека еден пациент е испишан од медицинскиот центар во Љубљана и својот медицински третман го продолжува во друга држава каде лицето има здравствено осигурување. 

Најавени се неколку исписи за пациенти за наредниве денови, по финализирање на постапката со протоколите. Тројца пациенти и натаму се во критична состојба. 

Во клиниките во Скопје се лекуваат 11 пациенти.... 

Лекарите велат дека и пациентите кои веќе завршиле со болничко лекување остануваат под лекарска опсервација подолг период за да не се појават доцни компликации. 

Директорот на клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев во интервју за Радио Слободна Европа вели дека има понуди и од странски центри за рехабилитацијата која ќе биде следна фаза од лекувањето на повредените. 

Д-р Андон Чибишев – Директор на УК за токсикологија: „За тоа е зборувано и во Кризниот штаб во кој учествуваат членови во разни области. Има понуда од неколку европски држави да ни помогнат и во тој дел од процесот за  подолготрајна рехабилитација на овие луѓе, ни нудат престој на овие пациенти во специјализирани центри за рехабилитација на такви тешки труења со јаглероден моноскид каде се спроведуваат специјални програми и постапки за нивна рехабилитација“. 

 

Во меѓувреме од кризниот штаб велат дека веќе се утврдуваат потребите за долгорочно лекување во надворешни центри во втора фаза, а експерти од странство но и комисија од министерството за здравство прават проценка и во штипската клиничка болница за условите и капацитетите за ваков тип на третман.