Битиќи за ТВ 24: Програмата на СДСМ нуди солидарност - да има за сите

Програмата на СДСМ нуди левичарска идеологија - да има за сите, и за фирмите и за граѓаните, вели во емисијата 24 анализа на ТВ 24 потпретседателот на СДСМ и вицепремиер задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.

Битиќи вели дека во економскиот дел од програмата на СДСМ е предвидено во фирмите каде што има вработени што примаат минимална плата, ќе има нула данок на доход. Според Битиќи, оваа мерка е вовед во прогресивно оданочување.

Друг битен момент предвиден во програмата на СДСМ е реформа во јавната администрација, но за тоа е потребно да се постигне општествен консензус.

- Третата работа што сакам да ја истакнам се тековните реформски работи кои јавноста не ги гледа како што е дигитализацијата и менаџментот на процесите, вели Битиќи.

Потпретседателот на ССК Горан Ѓорѓевски оценува дека е потребна мерливост на резултатите и спроведување на она што е најавено.

- Ние сметаме дека фокус треба да биде приватниот бизнис, реалните производни компании, оти без тоа нема развој на државата. За да се подигне продуктивноста треба да им се помогне на компаниите со евтини кредитни линии за унапредување на производството, вели Ѓорѓиевски.

Според мислењето на новинарот Горан Теменугов, програмата на СДСМ е лесно читлива, но не ги забележува трите постулати кои ги гледа во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Јас гледам штуро најавување на прогресивниот данок кој СДСМ веќе еднаш се обиде да го воведе, но не успеа поради притисок на јавноста и се повлече, вели Теменугов. 

Економистот Висар Адеми вели дека во програмата е опфатен широк спектар категории на граѓани и дека се сака по малку да им се даде на сите за да се постигне развој и развивање на една средна класа.

- Тие тргнуваат од човекот и тоа е добро. Но проблемот што го гледам е високиот интервенционизам на државата, а не гледам дека има доволно пари за тоа. Мене ми се чини како листа на желби отколку што е можно во економијата. Јавниот сектор и пензионери се околу 500,000 луѓе, па остануваат многу малку за продуктивност, вели Адеми.

Битиќи пак, вели дека оваа програма е продолжение на работи кои се веќе започнати со паметната специјализација, програма која е започната со помош на ЕУ и се состои од четири вертикални насоки и две хоризонтални, кои опфаќаат клучни економски сектори.

- За нас овие столбови се клучни за иднината на нашата земја во следните десет-дваесет години кога ќе бидеме членка на ЕУ, вели Битиќи.