Рубрика: Биологија
Неандерталците биле ранобудници
Објавено на 27.12.2023 - 15:30

Раното будење за многумина е тортура. Но меѓу нас има и такви на кои тоа не им претставува никаков опсобен напор, и покрај тоа што понекогаш не можат да спијат до доцна во ноќта. Ранобудниците веројатно за оваа своја способност треба да им се заблагодарат на своите предци неандерталци. Имено, неандерталците поседувале генетски варијанти поврзани со склоноста за рано будење. Мошне погодно за искористување на дневната светлина. Се чини дека ние ги наследивме овие варијанти од нив.

Ова се заклучоците од едно ново истражување, објавено во Genome Biology and Evolution, кое ги анализираше генетските „фрагменти“ од неандерталците што сè уште се присутни во некои човечки геноми. Истражувањето го забележа нивното влијание врз биолошкиот часовник, поточно деноноќниот ритам – промена што речиси сигурно настанала од еволутивни причини.

Поголемиот дел од генетското наследство присутно во современата човечка популација произлегува од природната селекција, резултат на вкрстување помеѓу различни видови на праисториски хоминиди. Едно од овие вкрстувања се случило пред околу 70 илјади години, кога некои од нашите предци од типот Хомо сапиенс масовно мигрирале од африканскиот континент во Евроазија, при што се мешале со неандерталците, вид кој одамна се приспособил на посуровата клима типична за “новите” региони. Последиците од таа средба останале запишани во гените на мал дел од луѓето од неафриканско потекло, кои сè уште во себе носат помеѓу 1% и 4% ДНК на неандерталците.

Споредувајќи го генетскиот материјал земен од примероци на фосилизирани остатоци од неандерталци, со оној што го поседуваат нивните модерни „внуци“, научниците откриле дека кај нив се присутни некои од истите варијанти поврзани со деноноќниот ритам, односно регулацијата на сонот како дел од нашиот внатрешен биолошки часовник. Оние што овие варијанти ги поседуваат и ден денес кажале дека имаат склоност да се будат рано наутро, уште в зори.

Студијата опфатила преку половина милион луѓе, жители на Обединетото Кралство, чиишто податоци биле собрани во U.K. Biobank (Биобанка на ОК). Но, научниците се надеваат дека наскоро, во следните истражувања, ќе можат да го прошират опфатот на испитаници и на други региони.

Но, зошто некои од нашите предци биле толку ранобудни? Причината, според научниците, произлегува од климатските и еколошките услови во кои тие живееле. Склоноста за порано будење е поврзана со намалениот деноноќен ритам, што овозможува побрза промена на состојбата од сон кон будење во зависност на дразбите присутни во околината.

За разлика од сапиенсот од Африка, неандерталците кои живееле во Евроазија морале да се справат со пократки денови, поостра клима и оскудни ресурси, особено во зима. За да го искористат максимумот од неколкуте часови светлина што ја имале на располагање за лов или за собирање храна, тие морале да се разбудат многу порано од нивните африкански „братучеди“. Оваа генетска особина по вкрстувањето била задржана и кај потомството на хомо сапиенсот, што им овозможило подобро да се прилагодат кон новата средина.

Иако споменатата студија се фокусира на генетската компонента, нејзините автори сакаат да истакнат дека ова не е единствената причина зошто некои луѓе се повеќе ранобудни од другите. Всушност, на ранобудноста влијаат многу фактори, а честопати тие се и дијаметрално спротивни едни од други. Па така, возраста, социјалната средина, нивото на стрес или присуството на физички или психолошки патологии може да го модифицираат биолошкиот часовник. Значи, не е само генетиката во игра wink

Клучни зборови: