Со цврсти чекори кон европскиот контекст

18.04.2024 07:28
Со цврсти чекори кон европскиот контекст

Фотографија од претставата „Браќа Карамазови“, по романот на Ф.М. Достоевски, во режија на Оливер Фрљиќ, во продукција на Загрепскиот театар на млади.

(Кон првиот шоукејс на Загрепскиот театар на младите од Загреб, Хрватска)

Големиот драмски автор и прозаист Антон Чехов еднаш рекол: „Треба да почувствувате проток на радост затоа што сте живи. Вашето тело ќе се чувствува полно со живот. Тоа е она што мора да го дадете од сцената. Вашиот живот. Ништо помалку. Тоа е уметност: да дадете сè што имате.“ Загребскиот театар на младите е токму тоа: уметничко тело полно со живот. Својот прв шоукејс го организира во време кога во овој театар живеат различни театарски аспекти, различни начини на мислењеа, но и во време кога неговиот актерски потенцијал е на исклучително високо ниво. Овој театарски шоукејс е избор од актуелните претстави кои се пресек на начинот на работа на оваа театарска куќа: „Браќата Карамазови“ по Ф.М. Достоевски во режија на Оливер Фрљиќ, „Младина без бог“ по романот на Еден фон Хорват и инспирриана од „Херои“ на Франко Бифо Берарди во режија на Борут Шепаровиќ, „Дванаесетта ноќ“, инспирирана од пиесата на Вилијам Шекспир во режија на Гжегорж Јаржина и „Ајхман во Ерусалим“ по текст и во режија на Јернеј Лоренци.

Фотографија од претставата „Ајхман во Ерусалим“ базирана врз истоимената книга на Хана Арент, во продукција на Загрепскиот театар на младите, во режија на Јернеј Лоренци.

Она што инспирира во ова театарско живеење е големата разновидност на режисерски приоди и актуеланоста на проблематиката со која се занимаваат тие. Овде од големо значење е токму актуелизирањето на големиот роман на Достоевски каде што ироничните супстрати се дел од едно прилично болно транспонирање на љубовната хипокризија и безочниот криминал во време кога Русија го доживува своето класно и социјално дно. Фрљиќ низ својот режисерски ракопис многу отворено и храбро говори за трансферот на тоа дно во денешни денови извлекувајќи отровни контексти кои се апликативни на денешните сосема алогични, но застрашувачки раздори, а од големо значење е и филозофската расправија претвортена во постдрамски театарски чин озаглавен како „Ајхман во Ерусалим“, претстава која е иницијално инспиририана од делото на Хана Арент „Ајхман во Ерусалим: банализирање на злото“, а која понатаму ги отвора прашањата за геноцидот и логиката на казнување на оној што го сторил, режисерско видување кое потонува и во денешните апсурди кога се во прашање масовните истребувања.

Фотографија од претставата „Дванаесетта ноќ или како сакате“, според мотивите на драмата „На тројца кралеви или како сакате“ од Вилијам Шекспир, во режија на Гжегорж Јаржина, во продукција на Загрепскиот театар на млади.

„Дванаесетта ноќ“ е претстава која е инспирирана од една многу интересна нишка на амбивалентност во комедијата на Шекспир, нишка која Јаржина ја развива во многу ригидна родова травестија, аспект кој е и дискутабилен, но и многу слоевит и аспект кој совршено реферира на денешната родова реконструираност, додека „Младина без Бог“ на Борут Шепаровиќ е вивисекција на горливите проблеми на младите кои потонуваат во социјалните бури што ги создаваат насилните состојки на социјалните мрежи, лажните вести и нивната интригантност. Иако инспирирани од предлошките, овие две претстави се една мошне интересна интерпретација на она што значи проблематична шема на дваесет и првиот век, шема која всушност повремено наликува на агенда со крајна цел делегитимирање на човековата егзистенцијалност.

Борут Шепаровиќ, Оливер Фрљиќ, Гжегорж Јаржина и Јернеј Лоренци се режисерски антиподи кои го отвораат паноптикумот на разновидноста на една театарска институција чии пораки се есенцијални и од исклучително големо значење.

Но, првиот шоукејс на Загрепскиот тератар на младите пред театарските гости од Европа донесе и голем број на актерски остварувања кои импресионираа со својот артизам како што се: Димитриј Карамазов на Уго Корани, Иван Карамазов на Дадо Ќосиќ кој воодушеви и со својот Оливио/Оливија, Анѓела Рамљак како Орсина/Орсино и секако фасцинантната колективна игра во „Ајхман во Ерусалим“ и „Младина без Бег“.

Загрепскиот театар на младите долги години ја бранува театарскатаа јавност со претстави чии пораки и актуелност се фасцинантни. Овој шукејс е пресек на еден длабок театарски ангажман кој секако дека продолжува во нивните понатамошни проекти. Големиот театарски и филмски актер Виљем Дефо во еден момент рекол: „Големиот театар е предизвик за начинот на кој размислуваме охрабрувјќи нѐ да фантазираме за светот кон кој се стремиме.“ А Загрепскиот тетатар на младите е токму тоа: храброст, артизам и предизвик.

Фотографија од претставата „Младина без бог“ по романот на Еден фон Хорват, инспирриана од „Херои“ на Франко Бифо Берарди, во режија на Борут Шепаровиќ, во продукција на Загрепскиот театар на млади.