Шон Смит е дизајнер на автомобили кој претходно дизајнирал автомобили за клиенти како што се Saleen, Ringbrothers, SpeedKore, филмската франшиза „Fast and Furious“, па дури и Rockstar Games, креаторот на „Grand Theft Auto“. Сепак, тој неодамна добил задача да модифицира и надгради стар Chevrolet Camaro од 1969 година, а резултатот е ново ремек дело

Прекрасниот автомобил прикажан на фотографиите се вика Fenix Camaro, а е нарачан од извесен Мајкл Шилдс кој сакал неговото „милениче“ да личи на некои од претходните дела на Смит, поточно на Camaro од 2019 година кое тој го подготвил за SEMA Show.

Инспирирани од автомобилите на Aston Martin, Bentley и Porsche, Смит и Шилдс се договориле за спортски GT концепт, како и за драстично зголемување на моќта.

Под хаубата се наоѓа 7.0-литарски LS V8 со компресор, тјуниран од Wegner Motorsports. Мерењето покажало дека испорачува 1.180 КС. Моторот е поврзан со 6-брзински Tremac менувач и Roadster Shop Fast Track шасија.

Позајмувајќи некои делови од Corvette, ова Fenix Camaro ​​добило модифицирана RS Fast Track суспензија и дискови од 355 mm со 6-клипни сопирачки клешти, кои се „кријат“ зад дводелните HRE бандажи.

Каросеријата е „потпишана“ од Driven Speed ​​​​Shop, а се состои од уникатен преден и заден дел, специјална решетка, сплитер, заден дифузер, заден спојлер направен со помош на 3D печатач и слично.

Внатрешноста, исто така, претрпела целосна реконструкција благодарение на 3D скенирањето за да се создадат контролната табла, панелите на вратите, централната конзола, а сè е обложено со кожа.