Рубрика: Енергетика
Сте слушнале ли за агриволтаици?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.07.2023 - 16:15

“Агриволтаик” е релативно млад термин, скован во новиот милениум, кој опишува иновативен начин на производство на енергија, добиена од фотонапонски соларни панели поставени во полиња што се користат како добиточни пасишта или за полјоделство. Како резултат на оваа двојна намена, се максимизира искористеноста на земјиштето преку взаемна корист за сите вклучени страни.

Постојат три основни типа на агриволтаици кои активно се истражуваат: поставување на низи од соларни панели со простор помеѓу за одгледување на култури, поставување на низи од соларни панели над културите и поставување на низи на фотоволтаици на оранжерии. Сите три системи имаат неколку променливи што се користат за максимизирање на сончевата енергија апсорбирана и во панелите и во посевите. Главната променлива земена предвид за агроволтаичните системи е аголот на навалување на соларните панели. Други варијабли што се земаат предвид при изборот на локацијата на агриволтаичниот систем се избраните култури, височината на панелите, сончевото зрачење и климата во областа

Агриволтаичните проекти во последно време најчесто бележат поставување на фотонапонски панели на структури издигнати на неколку метри над земјата, благодарение на што е можно максимално да се искористи патеката на сонцето на небото, да се оптимизира аголот на инциденца на зрачењето и да се зголеми производството на електрична енергија. Вака подготвените полиња создаваат и посебни микроклиматски услови кои можат поволно влијаат за подобрување на приносот на некои земјоделски култури, но можат и да обезбедат засенчени површини за добитокот во најтоплите месеци, да ја намалат потребата за наводнување и да придонесат за поголема одржливост во земјоделието. Во зависност од изборот на земјоделската култура, нејзиниот принос може да се зголеми помеѓу 20% и 60% – култури како што се пиперките, на пример, може да забележат пораст на приносот и до 60%, додека фуражните култури можат да достигнат пораст и повеќе од 40%.

Освен опишаните придобивки, агриволтаиците нудат и интересни перспективи за иден развој. Имено, инфраструктурата потребна за инсталација го олеснува и позиционирањето на сензори наменети за собирање разно разни податоци, што отвора пат кон поинтелигентно земјоделство засновано на научна анализа на почвата, со позитивни ефекти врз употребата на ѓубрива и наводнување, олеснување на примената на специфични третмани и на тој начин помага да се намали влијанието на земјоделските активности врз животната средина. Ваквите веќе оперативни проекти во светот, како и оние чијашто идна примена се разгледува, имаат за цел и заштита на фауната и на биолошката разновидност на местото каде се реализира.  Италјанските Agrivoltaico Open Lab од Бастардо, во регионот на Перуџа, на пример, се фокусираат на заштитата на пчелите и на другите инсекти кои ги опрашуваат билките.

Двојната употреба на земјиштето за земјоделство и за производство на енергија може да ја ублажи конкуренцијата за земјишни ресурси и да го намали притисокот за претворање на обработливото земјиште или ливадите во соларни фарми или за претворање на природните области во повеќе обработливо земјиште. Во првичните симулации изведени во 2011 година, кога за прв пат е употребен и терминот „агриволтаици“, било пресметано дека ефикаснaта искористеност на земјиштето може да се зголеми за 60–70% (најчесто во однос на употребата на сончево зрачење).

Во глобала, општествено економските придобивки од агриволтаиците, освен очигледните – намалување на побарувачка на енергија и на емисиите на стакленички гасови, вклучуваат и диверзификација на приходите за земјоделците, како и поодржливо планирање и пошироко прифаќање на фотоелектричните централи. Имено, една американска студија покажа дека дури 81,8% од испитаниците е поверојатно да го поддржат соларниот развој во нивната заедница ако тој го интегрира и земјоделското производство.  

Клучни зборови: