Првични резултати на ДИК: Силјановска Давкова со двојна предност пред Пендаровски

Претседателски избори/ Инфографик: „Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Според обработените 966.001 гласачки ливчиња од вкупно 1.814.317(53,24%) Гордана Силјановска Давкова има 171.264 или 37,07 отсто од гласовите, а втор е Стево Пендаровски со 84.523 или 18,29 проценти од гласовите.

Трет е Бујар Османи со 75.438 гласови, потоа Арбен Таравари со 55.758 гласови, Максим Димитриевски има 36.350, Билјана Ванковска има 20.247 гласови и Стевчо Јакимовски засега е последен со 4.479 гласови.

Гласачките места беа отворени од 7:00 до 19:00 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Одзивот на денешните претседателските избори до 18 часот изнесуваше 47,61 отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи, односно 907.159 гласови. Ако никој не го добие потребното мнозинство, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот