Утре е 1 Мај, скарата е традиција: Пет најдобри маринади за месо, само така ќе биде меко и сочно

Фото: Pixabay

Секој вистински експерт за скара има свој посебен сос или маринада за месо. Целта на секоја маринада е да го омекне месото со комбинација на масти и киселини.

Вкусот на месото најмногу ќе зависи од зачините кои се додаваат, а за да биде сочно и меко, треба да се маринира.

Клучно е месото да остане во подготвената маринада најмалку два до три часа, за да ги впие сите состојки и да биде подготвено за печење. Некои луѓе сакаат да го маринираат месото цела ноќ. Месото може да се чува подолго во маринадата, но во тој случај намалете ја количината на сол, бидејќи солта ја извлекува влагата од месото.

Ви ги пренесуваме петте најдобри маринади за месо кои ќе го направат меко и сочно, а за вкусот нема доволно зборови да се опише, треба сами да го почувствувате.

Фото: Andrey Maslakov / Alamy / Alamy / Profimedia

Маринада со лимон и рузмарин

Оваа маринада е идеална за пилешко месо, бидејќи дава вкус на цитрус и свежи зачини. Пробајте ја маринадата за пилешко, свинско или јагнешко месо.

Состојки:

– 3 големи лимони
– ¼ шолја листови од рузмарин или 2 лажици сушен рузмарин
– ¼ шолја маслиново масло
– 2 чешниња лук, ситно сечкани
– ½ лажичка бел бибер

Подготовка:

Лимонот исечете го на половина и исцедете го сокот во сад. Додадете ги сите други состојки и добро измешајте. Маринирајте го пилешкото или свинското месо 1-2 часа. Маринадата може да се подготви однапред и да се чува во затворен сад во фрижидер до 1 недела.

Фото: Gudrun Krebs / Panthermedia / Profimedia

Маринада од темно пиво

Состојки:

– 200 мл кечап
– 100 мл јаболков оцет
– 330 мл темно пиво
– 100 г кафеав шеќер
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка мелен бибер
– 1 лажица лук во прав
– ½ лажичка мелено чили

Подготовка:

Сите состојки треба да се сварат. Состојките се ставаат во тенџере и се варат на умерен оган со постојано мешање. По 30-40 минути, кога ќе ја достигнете саканата густина, тргнете од оган и оставете целосно да се излади. Изладениот сос префрлете го во сад со капак и чувајте во фрижидер.

Зачинета маринада

Оваа маринада е за луѓе чие непце може да поднесе силни зачини.

Состојки:

– 1 лажица чили во прав
– 1 лажица кафеав шеќер
– ½ лажица сол
– ½ лажица бибер
– ½ лажица лук во прав
– 1 лажица црвена мелена пиперка
– ½ лажичка каенски пипер
– 200 мл сончогледово масло
– 2 лажици сенф

Подготовка:

Во сад ставете ги сите состојки и измешајте. Премачкајте го месото или зеленчукот со маринадата и оставете преку ноќ во фрижидер.

Слатко-пикантна маринада

Состојки:

– 100 мл балсамико оцет
– 3-4 лажици мед
– чили сос
– ½ лажичка сол
– свежо мелен бибер

Подготовка:

Ставете ги медот и балсамикотo во тенџере и многу кратко варете за да се растопи медот. Зачинете по вкус.

Кај оваа маринада, односно прелив, водете сметка да го користите кога месото е веќе печено. Премачканото месо оставете го кратко време на безбеден дел од скарата (топло место кое не е директно над изворот на топлина) за да се впие преливот. Оставете од сосот за дополнително преливање или потопување. Погоден е за пилешко и свинско месо.

Фото: Pixabay

Класична маринада

Состојки:

– 100 мл сончогледово масло
– 100 мл маслиново масло
– 100 мл јаболков оцет
– 2 лажици сол
– 2 чешниња лук
– 1 лажица бибер
– 1 лажичка мелена црвена пиперка
– 1 кромид

Подготовка:

Кромидот и лукот ситно исечкајте ги, па ставете ги во длабок сад. Во садот со кромидот додадете ги двата вида масло, оцетот и зачините, па сè заедно измешајте. Парчињата месо потопете ги во добиената смеса и редете ги во поголем сад, а на крајот месото прелијте го со преостанатата маринада и покријте го. Оставете најмалку четири да отстои во фрижидер.

Фото: Pixabay

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот