И официјално започна 32-рото издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ во Битола.
На свеченото отворање, во полната сала на Народниот театар гостуваше Македонската опера и балет со операта „Рита“ на Гаетано Доницети. Главните улоги ги имаа Ана Ројдева, Јане Дунимаглоски, Невен Силјановски и Борко Биџовски, а диригент беше Иван Еминовиќ.


На гостите им се обрати уметничката директорка Милица Шперовиќ-Рибарски, која го основа Фестивалот во 1992 година, а краток говор одржа и битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
Во програмата на Фестивалот се предвидени повеќе настани со гости од редица земји како Шпанија, Италија, Португалија, Украина и Австрија, а на 11 октомври Казухиро Котецу од Јапонија заедно со Камерниот оркестар на Битола ⋮IWConnect ќе изведе оперски арии и македонски народни песни. Исто така, ќе се одржи поетска вечер 100 Години Ацо Шопов и ликовна изложба на Драган Анѓелковиќ и Слободан Вигњевиќ.
Фестивалот, кој е поддржан од Министерството за култура и Општина Битола, а чии спонзори се и г-ѓа Фанија Мемца, бутикот „Ермитаж“ и млекара „Здравје“, ќе трае до 12 октомври.





























