Најголемата вест се подобрените plug-in хибридни погони. Mercedes ветува подобра високонапонска батерија со повеќе енергија

По речиси четири години, Mercedes ги ажурираше своите два најубави „компакти“ Mercedes CLA и CLA Shooting Brake добиваат суптилно ажурирање на MBUX и системот за помош, повеќе опрема и подобрени plug-in хибридни погонски единици.

Кога CLA и CLA Shooting Brake се појавија на пазарот во 2019 година, тие беа технички доста напредни, а дизајнот беше прифатен речиси од сите. Сепак, автомобилските модели одвреме навреме треба да се освежуваат, а Mercedes го прави токму тоа со редизајниран преден браник, ревидирана решетка на ладилникот, нов заден дифузор и нова графика за LED светлата, кои сега се стандардна опрема.

Дополнително, тука се и новите бои ексклузивни за CLA – Hyper Blue и Spectral Blue, трите нови дизајни на фелните достапни од 17 до 19 инчи. Ажурирана е и внатрешноста – двојниот инфозабавен систем сега вклучува 7-инчен и 10,25-инчен екран. Воланот сега е покриен со напа кожа, а по желба може да имате и имитација на кожа на воланот.

Тука се и новите украсни елементи во темен карбон изглед, кафено дрво од липа со отворени пори или кафен микрофибер (само AMG Line).

Покрај тоа, редизајнираните CLA и CLA Shooting Brake можат да се пофалат со „значително подобрена опрема и поедноставена логика на понудата“. Во превод, ова значи: асистент за долго светло, камера за рикверц и USB пакет сега се стандард. Купувачите исто така ќе можат да изберат пакет опрема што вклучува пакет за паркирање, како и Easy-Pack задна врата кај Shooting Brake верзијата.

Заедно со ажурираниот екран со попаметна графика, безжичните Apple CarPlay и Android Auto се новите функции на инфозабавниот систем MBUX. Има и дополнителна USB-C порта и побрзо USB полнење. Дополнително, оптимизиран е и звучниот систем Burmester, кој се доплаќа. Аудио водичот ги дополнува информациите за патување, првично само во Германија. Како одговор на гласовната команда „Hej Mercedes, стартувај го туристичкиот водич“, MBUX чита корисни информации за знаменитостите долж рутата.

Во однос на безбедноста, Lane Keeping Assist сега треба полесно да се контролира со помош на Active Steering Control. Дополнително, пакетот за паркирање од новата генерација поддржува паралелно паркирање и нуди визуелизација од 360 степени за паркирање со помош на камера користејќи 3D слики.

Сепак, најголемата вест се подобрените plug-in хибридни погони, Mercedes ветува подобрена високонапонска батерија со поголема содржина на корисна енергија (15,6 kWh), што доведува до подолг електричен опсег. Купето сега ќе може да помине од 71 до 82 километри, а Shooting Brake помеѓу 68 и 80 километри.

Моќноста на електричниот мотор е зголемена за 5 kW и сега достигнува моќност на погонскиот систем од 80 kW. Што се однесува до полнењето, се уште се достапни три опции: покрај стандардните 3,7 kW, батеријата сега може да се полни со наизменична струја до 11 kW наместо претходните 7,4 kW. Новите модели CLA сè уште нудат можност за полнење на батеријата со еднонасочна струја до 22 kW. Процесот на полнење со директна струја од 10% до 80% трае добри 25 минути.

Ажурираните верзии на Mercedes CLA и CLA Shooting Brake ќе бидат лансирани подоцна оваа година. Производителот се уште не се изјаснил за цените.