Седум члена на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ биле воздржани кога се гласал Планот за изборите и креирањето на лажни вести

Новинарот Фуркан Салиу од ПорталХ вчера во вториот дел од неговата сторија насловена како „Пропаганда, лажни вести и злоупотреба на лични податоци“ им порача на ВМРО-ДПМНЕ за автентичноста на документот што го поседуваат, да побараат одговор кај еден од членовите на нивниот Извршен комитет.

-20 членови на Извршниот комитет на партијата гласаа „за“, немаше „против“, но имаше седум „воздржани“. Од тие 7 прашајте ги дали објавените документи се фалсификувани. Еден од нив го знае одговорот, рече Салиу во видео-обраќање.

Новинарот пренесе и делови од записникот кој го посочуваат изворот на документот кој стигна до ПорталХ.

-Втората точка од тој состанок ‘Подготовка за претстојните избори’, на која претседателот на партијата го информираше ИК на ВМРО-ДПМНЕ дека согласно Статутот на партијата за време на одржување на изборите потребно е да се формира Републички изборен шатб, а имајќи ја предвид сериозноста на претстојните избори ја презема одговорноста на себе да биде шеф на Републичкиот изборен штаб, а за негов заменик го предлага генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски и отвори доскусија по предлогот, цитираше Салиу дел од записникот.

Откако новинарот излезе со сторија за Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ каде се гледа како ВМРО-ДПМНЕ спроведувала оперативен план меѓудругото и за креирање на лажни вести, со документи излезе и владејачката СДСМ.

Според владеачката партија, на објавените документи се гледа дека дел од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ имал задача да креира лажни вести и да реализира анкети. Задолжен за тоа освен шефот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Луке Галевски, бил и Владимир Божиновски сопственик на Агенцијата ИПИС која од 31 јануари па до денес прави анкети за МТВ.