40-та седница: Завршните сметки на општината и институциите различно ги гледа владејачкото мнозинство и опозицијата
14-03-2024 РЕГИОН

Завршните сметки на општината и на институциите под општинска капа денеска беа меѓу точките на дневен ред за 40-та седница на кавадаречкиот совет. Голем број од советничките дискусии потсетија дека доаѓаат избори.

 

Финансиското работење на општината, училиштата и останатите општински институции се разгледуваше на денешната 40-та седница на советот на општина Кавадарци.  Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за 2023 година во општинскиот буџет  е во износ од 1.031.331.875 денари или 83,47 % во однос на планираното. Остварувањето на редовните буџетски приходи изнесува 420.217.072денари или 71,84 %.  Oд наменски дотации остварувањето е 98,30%, од самофинансирачки активности 65,05 %.Остварувањето на приходи од донации изнесува 13.937.114 денари во однос на планираните 25.285.000 денари, или изразено во проценти изнесува 55,12 %.    Реализацијата на вкупните расходи во периодот од 01.01.2023-31.12.2023 година реализирани се вкупни расходи од 83,47%.

 

Од текот на седницата и од дискусиите несомнено може да се извлече заклучок дека се разгорува политичката сцена, во пресрет на претседателските и парламентарните избори.    Опозицијата со забелешки за слаба реализација на општинската каса, но советниците од владејачкото мнозинство со констатација дека продолжува трендот општина Кавадарци да биде најдобра во Македонија и да го извршува буџетот подобро од централната власт.

 

Независниот советник Јован Златевски истакна дека по направената анализа на годишната сметка податоците покажувале финансиска стабилност на општината. Забележа за слаба реализација на капиталните расходи. Побара да бидат анализирани причините и ако имало потреба да се изврши и обука на службите за подобро извршување на буџетот.

 

На ова следеше реплика од советникот Филип Тасев кој му забележа на колегата Златевски дека сакал да прикаже дека општината не била во добра позиција, иако општина Кавадарци имала капитални расходи од 56% за споредба со централниот буџет каде реализацијата на ова ставка била 26% и подвлече дека 2023 година била уште една успешна година за развој на општина Кавадарци.

 

Координаторот на советничката група на СДСМ, Вуко Мелов констатира дека добра била реализацијата кај даночните приходи,  имало потфрлање кај капиталните приходи, а највисока реализација се гледало кај наменските дотации што државата ги префрла кон општината.

 

„Кај долговите исто не е сјајна работата. 174 милиони денари се за кредит, а долгот на општината кон добавувачи е 170 милиони денари“ забележа Мелов, а се осврна и на ветените а не реализирани проекти од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Митко Јанчев.

 

На дискусијата на Мелов реплицираше градоначалникот Јанчев кој посочи дека и покрај тешкотиите во економијата сепак општината добро се менаџирала. Ветените проекти не биле заборавени, беше дециден Јанчев. Посочи дека пред зоолошката градина приоритет е даден на домот за стари лица, додека заобиколницата била регионален проект и општината сама не може да го реализира.

 

„Вашите партнери од ДУИ не можете да ги убедитеда дадат 2 денари за централна Македонија. Аплициравме за дестилерија пред наделжните државни институции, одговор нема. Исто така аплициравме и за пречистителна станица. Отпочнавме да градиме со сопствени средства четири спортски сала во училишта. Одвојуваме историски највисока сума за поддршка на спортот. Имаме најдобра против пожарна единица“ рече Јанчев и ги набројуваше реализираните проекти. Градоначалникот му забележа на Мелов што не ги гледал реално работите, бидејќи секој што доаѓал во Кавадарци се восхитувал, но не и опозицијата. Градоначалникот понатаму во својата реплика кон Мелов истакна дека капиталот на општината е зголемен за пет пати споредено со периодот пред неговиот мандат.

 

 

Од говорница советници од владејачкото мнозинство рекоа дека централната власт немала ништо инвестирана во Кавадарци, по што следеше презентирање на проектите кои се реализирани со поддршка од државата. Потоа се цитираа податоци за животниот стандард на граѓаните, потрошувачката кошница и нивото на плати сега и во минатото.

 

Претседателот на советот, д-р Стојанчо Рамов во својата дискусија меѓу другото рече дека минатата година се реконструирани 9 улици, поплочени 22 улици, изградени 5 потпорни ѕидови, а реализацијата на јавни објекти била 53,8%.

 

Советникот од Левица, Круме Богевски забележа дека советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ седницата ја претвориле во циркус и апелираше до претседателот на совет  да не го дозволува де-легитимирањето на советот. На ова градоначалникот Јанчев реплицираше дека де-легитмирање на советот направил токму советникот Богевски со поднесувањето на над 300 амандмани за попречување на ДУП.

 

Разгледувањето на годишните завршни сметки на училиштата помина без дискусии и беа едногласно прифатени, но по однос на завршната сметка на детската градинка повторно се слушнаа обвинувања меѓу советниците од владејачкото мнозинство и опозицијата, откако советникот Вуко Мелов постави  прашања до директорката на градинката. Истакна дека имал реакции од граѓани дека е намелен квалитетот на храната што ја добиваат децата, праша зошто не биле доделени јубилејни награди за вработените минатата година и покрај законската обврска и дали собраните пари од одржаните базари се уплатени на сметка на градинката.

 

Директорката на детската градинка „Рада Поцева“, Цанка Добринова одговарајќи на прашањата рече дека градинката работела домаќински,  квалитетот на храната бил согласно правилник, а на тендер се одбира најповолната понуда. Јубилејни награди не биле исплатени лани поради намалени блок дотации, а истите ќе биле исплатени оваа година.

 

Градоначалникот Митко Јанчев истакна дека приемот на храна го врши три члена комисија од општината и дека не сака да верува дека е нарушен квалитетот на храната што ја добиваат децата. Информира дека до овој момент немало никаква претставка од родителите по однос на храната што ја добиваат децата.

 

Советничката Весна Ѓорѓиева во поставените прашања околу градинката од страна на Мелов препозна политички маркетинг. 

 

Советникот Диме Коцевски при разгледувањето на завршните сметки на институциите од културата рече дека општина Кавадарци минатата година може да ја забележи како една од најдобрите поради огромниот број реализирани културни настани. Како што рече Коцевски, тоа се должело на макотрпната работа на менаџерите и вработените во овие институции.

 

Во попладневниот дел од седницата продолжија дискусиите по однос на годишните сметки и извештаи за работењето на ЈП Комуналец, градски превоз и паркинг. На дневен ред беа и повеќе одлуки кои се однесуваат на примање донации на општината од општествено одговорни компании.

 

A.Данов



Share

Додади коментар