Иако првично се состоеше од 24 трки, календарот на Светскиот шампионат во Formula 1 за 2023 година дефинитивно ќе има една трка помалку

Големата награда на Кина беше дел од првиот нацрт на календарот за 2023 година, но уште едно издание на таа трка беше откажано на почетокот на декември минатата година. После тоа се шпекулираше за пронаоѓање на заменска трка, а Португалија најчесто се споменуваше како кандидат за место во календарот на F1, за сега и официјално да биде потврдено дека од тоа нема ништо и сезоната ќе се состои од 23 трки.

Датумите на сите други трки исто така се официјално потврдени и нема нови промени во календарот. Предсезонските тестирања се одржуваат од 23 до 25 февруари во Бахреин, каде на 5 март ќе се вози првата трка во сезоната. Потоа следуваат Саудиска Арабија и Австралија, по што следи прилично долга пауза од четири недели пред заминувањето во Азербејџан. Најбурен месец ќе биде јули со дури четири трки.

Нова трка во календарот е Големата награда на Лас Вегас, чија премиера ќе биде на 18 ноември. Сезоната завршува во Абу Даби на 26 ноември.