Јанков: Како нација имаме комплекс на пониска вредност, како на дете што му викаат не те бива

  • Фејсбук статус на Андреа Јанков

Страшно ми е фасцинантен комплексот на нижа вредност кој очигледно го имаме како нација. Како некое дете, кое цел живот му викале дека не го бива, така и народов наш, тепан по глава, почнува да верува дека не е вреден, дека не создал ништо вредно, дека е неспособен, неук, прост…

Па така, на индивидуално ниво, се повеќе бараме внимание, чуствителни сме на критика, несигурни сме во своите постапки и одлуки, бараме вина кај други (а сопствената не ја признаваме), и истовремено ни расте анкциозноста и депресијата.

Еден од основните „лекови“ кои при психотерапија би ни ги препишале се:

-соочувањето со минатото,

-раскинување на токсични врски со токсични ликови,

-опружување со позитивни и успешни луѓе.

Ајде да тргнеме од првото. Минато имаме за извоз… На ова парче земја поминале и народи и империи, така што ниту историја ниту споменици не ни недостасуваат. Додека поголемиот дел од т.н. Западна Европа откривала агрикултура и влегувала во железно доба, на овие простори имало развиена цивилизација. Археолошки наоди (Адам од Говрлево и Големата Божица Мајка на пр. датираат од VI милениум пне) укажуваат на населеност на овие простори со прилично развиена цивилизација уште од неолитот. На територијата на денешна Македонија во антиката покрај Античка Македонија се простирало и Пајонското кралство. Македонија била и Римска провинција, тука поминувала Виа Игнација. Од тука е и Јустинијан, од тука потекнува и словенската писменост. Имаме цркви и манастири постари од повеќето држави кои постојат денес. И тие 5 века под Османлиите, сепак не се за потценување, Отоманската Империја била една од најголемите видени на планетава воопшто.

Во поново време, можеме да се гордееме, ако ништо друго, барем со нашето антифашистичко минато и знаењето дека сме биле на вистинската страна на историјата. Точно како форшпан на наредната точка, да направиме и една компарација со „токсичните типови“.

Елем, ние немаме цензура на книги. Никаква. Хитлеровата “Mein Kampf” на пр. може да ја купите во супермаркет. „Господарот на мувите“, „1984“, „Животинска фарма“, „Игра во ‘ржта“(иако подобро ми звучи „Ловецот во ‘ржта“) исто така. „Колибата на чичко Том“ и „Хаклбери Фин“ ни се лектири во основно (барем вторава беше во мое време). Знаете што е заедничко на сите овие книги? Забранети се во USA, лулката на демократијата, која ни продава пуфки колку сме ние недемократски, заостанати и недоделкани. Покрај овие, забранет е и Маркс, забранeт е и Чосер со неговите „Кантербериски приказни“. Демократија, my ass, што би рекле Американците. Иако сум љубител на Americana како стил, сепак правецот во кој што се движи ова општество кое се дрзнува да му проповеда на остатокот на светот како да живее е застрашувачки. Пострашно и од „Храбриот нов свет“ на Хаксли (патем, исто забранет во USA).

Но, да не биде осамена Америка, да видиме каде стои Европа? Земјите по кои воздивнуваме и каде мечтаеме да живееме и работиме, небаре е рај на земјата, особено Германија, се виновни за точно две светски војни. Пред нив, имале колонијално минато каде на домородците им се сечеле раце ако не исполат квота, имале робовладетели до пред некои 100-200 години, а пред само пола век изложувале црнци по зоолошки. Е тие исти црнци, кај нас имале отворени врати на нашите универзитети да студираат! Додека едни експлоатирале, други давале наобразба. Сетете се на тоа кога се прчите за селфи пред некоја нивна барокна или неокласична катедрала или музеј. Кога сме кај музеите, во Лондон и Париз ги нема пирамидите и Акрополот само затоа што биле преголеми за да ги пренесат.

Сега, кога ги гледаме токсичниве, и што прават (и што ни прават), па зошто би сакале да бидеме во тоа друштво? Зошто 30 години им просјачиме пред врата? Зошто сеуште ни се продава истата приказна кога светот веќе не е биполарен, туку мултиполарен? Зошто сметаме дека не можеме сами да си го најдеме местото под сонцето?

И сега, да преминеме на опкружувањето со позитивни луѓе. Нашиот Гоце рекол дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите, а Тито подоцна многу мудро ги направил Неврзаните, каде има 121 земја. Цела Африка е таму, 36 земји од Азија и 27 од Америка. Последниот самит беше Јануари годинава во Уганда. А ние, кои бевме дел од држава која ги создаде, не бевме таму.

Па токму од Неврзаните се изроди и BRICS, кој реално држи 30% од територијата на планетава и 45% од населението на истата. Срамно ли е да се биде во друштво на народи на кои им е преку глава од западниот империјализам и повампирениот фашизам кој доаѓа од таму? Белким таму има место и за нас искомплексираните.