Полицијата уапси две лица поради изборен поткуп

Пиштоли, списоци на гласачи и поголема сума пари. Ова го пронашла полицијата кај двајца жители на селото Мелница близу Велес, кое припаѓа на општина Чашка. Еден од нив, оружјето го поседувал без дозвола.

Претресите се направени вчера попладне, на неполни 48 часа пред гласањето на претседателските и парламентарните избори.

- Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода И.И.(52) од село Мелница, општина Чашка. При претрес во домот на И.И.(52) од село Мелница, општина Чашка, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело „поткуп при избори и гласање", биле пронајдени и одземени еден пиштол ,„Застава" со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка. И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Час и половина по првиот претрес, полицијата влегла во домот на уште еден жител на истото село. Засега, нема информација дали двајцата соселани биле поврзани.

- При претрес во домот на А.Ч.(50) од село Мелница, општина Чашка, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело "поткуп при избори и гласање", биле пронајдени и одземени еден пиштол ,„Валтер" со една рамка, еден пиштол „Црвена застава", еден пиштол ,,Бул" со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986 670 денари во разни апоени и 2 325 евра во разни апоени. А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Освен што не прецизираат дали двајцата уапсени се поврзани меѓу себе од велешката полиција не кажуваат ниту од кого биле ангажирани.