Кој ќе им ги врати парите на тие што платија поскапо осигурување за автомобилска одговорност?

сообраќај полиса/ Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Го повикувам ресорното Mинистерство за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи

Сите оние што ги регистрираа возилата по 24 април, а кои се со моќност поголема од 44 киловати, платиле 15,4 процети поскапа полиса за осигурување од автомобилска одговорност. Но, последните вести се дека Владата по никоја цена не сака да дозволи вакво поскапување, па вчера заседаваше и Комисија за осигурување од втомобилска одговорност во која членуваат претставници од Министерството за фонансии, Националното биро за осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурување по која им се наложи на осигурителните комании да ја вратат старата цена, а да изнесат анализи и аргументи за новата. Според нашите сознанија, ако осигурителните компании доброволно не ја вратат цената на старо, тогаш Комисијата до Владата ќе достави одлука за ограничување на маржата на компаниите, со што на индиректен начин пак цената на полистата ќе биде како пред поскапувањето.

Агенцијата за супервизија на осигурување, како регулаторно тело, останува на ставот дека зголемувањето на цената е неоправдано. Упатените потсетуваат дека ова осигурување е задолжително и прашуваат зошто тогаш се потребнио посредници со скапи провизии за вршење на оваа услуга. По се изгледа, Владата нема да им удоволи на осигурителните компании, но останува да виси прашањето: Што со оние кои платија повисока цена?

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на Фејсбук порача дека ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на автоосигурувањето на грбот на граѓаните. Тој ги повика Министерството за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да покренат постапка.

„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании! Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница. Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на автоосигурувањето на грбот на граѓаните. Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени. Го повикувам ресорното Mинистерство за финансии и Комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, напиша Битиќи.

Калкулациите за еден еден сопственик на возило се дека со поскапената полиса, за возило од 44 до 55 киловати за кое се плаќаше 5.453 денари, тој веќе платил 6.292 денари, или 839 денари повеќе. Полисата за автоодговорност за возила од 55 до 66 киловати досега чинеше 6.166, а со промените на цените чинеше, или чини (зависно од брзината на рекацијата на Владата) 7.115 денари. Поскапувањето за возилата од 66 до 84 киловати е од 7.134 на 8.233 денари.

Ова осигурување е задолжително и оди заедно со годишната регистрација на возило. Истовремено, се врзува и годишниот зелен картон, се разбира за тие кои што скаат да го имаат, но без кој не може да се патува во странство. Годишниот зелен картон за патничко возило до 66 киловати е 3.690 днари, додека месечниот картон изнесува 1.850 денари. За возило над 66 киловати годишен картон е 5.536 денари, а за месечен 3.075 денари.

Со вакви високи цени на „зелен картон“ само ние можеме да се пофалиме. Во Србија на пример, на годишно ниво зелениот картон е 17 евра, тој што ние го плаќаме над 5.500 денари. И тоа, Србија ретко за која земја треба да вади зелен картон, па на пример, Србите кога одат во Грција на одмор само поради тоа што поминуваат низ Македонија ја вадат оваа меѓународна полиса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот