Димитриевски останува отворен за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, дали е во најава нова коалиција?

Максим Димитриевски, кандидат за претседател и лидер на движењето ЗНАМ, во гостување на Радио Лидер вели дека немаат потпишано никаква коалиција со ВМРО-ДПМНЕ но имаат соработка со таа партија. Тој притоа ја коментираше и понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за македонско национално единство.

„ЗНАМ е нова политичка партија. 3 и пол месеци ние сме конструктивна опозиција во однос на централната власт. На локално ниво имплементираме власт, таму немаме официјално потпишано коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но дефинитивно има соработка. Имаме соработка со ВМРО-ДПМНЕ и со албанската опозиција“, започнува тој.

Максим Димитриевски дели дека ЗНАМ веќе имале ваква понуда и ова било и нивна идеја.

„Мене искрено ме импонира што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нè копира во некои постапки. Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално едиство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме, вели тој за Радио Лидер“.