Студентска уметничка пролет

12.04.2024 10:24
Студентска уметничка пролет

Од вчера (11 април) почнаа да се одржуваат настаните на „Студентска Уметничка Пролет” што ги организира Europe House Скопје во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ).

Серијата настани ќе трае до 26 април, а посветени се на збогатувањето на културно-уметничката понуда на кампусот, како и промовирањето на интердисциплинарниот пристап кон знаењето меѓу студентите.

„Целта на овие настани е да се обединат и поврзат студентите од различни факултети преку богата уметничка и културна програма. Во рамките на „Студентска уметничка пролет”, по повод 15 април – Светскиот ден на уметноста, ќе се одржат повеќе од 14 настани на различни локации, вклучително изложби, инсталации, концерти, претстави и интердисциплинарни предавања”, велат од Europe House Скопје.

Во организацијата на настаните вклучени се Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за музички уметности, Драмскиот факултет, Филолошкиот факултет, како и Академската сцена и Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Настаните ќе се одвиваат на локации како Сули Ан, Концертната сала на Факултетот за музички уметности, сцената на Драмскиот факултет, платото на техничките факултети и други, а преку нив ќе се промовираат уметноста и културата како единствена прилика за меѓуфакултетска соработка и размени на знаења.

„Овој интердисциплинарен пристап и спој на различни уметнички факултети ќе ги претстави многуте облици на уметничката форма. За прв пат креираме патување низ институциите во кое студентите и професорите ќе ни ги доближат видовите на уметничко творештво на интегриран начин. Да се препуштиме на убавината, сетилата и емоциите на уметноста како главен двигател која не познава граници и да го доживееме креативниот студентски импулс”, велат од Europe House Skopje.
Програмата започна денес со предавањето на професорот Ристо Солунчев насловено „Уметничкото дело како празник” кое се одржа во салата за седници на Филолошкиот факултет.

Во проодлжение погледнете ја целата програма:

*13/04

Отворање на изложба со дела на студенти од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) + Звучна инсталација на студентите од Факултетот за музичка уметност (Сули ан – ФЛУ)

*15/04

(14:00ч) Предавање на Јулијана Деспотоска
„Музикотерапија” (Сала за седници – ФлФ)

(17:00ч) Предавање на проф. д-р Вангел Ноневски „Ремикс култура/уметност и нови медиуми” (Концертна сала на ФМУ)

(15:00ч) Предавање на проф. д-р Мира Беќар „Музичките жанрови и општествените класи” (Галерија ФЛУ)

*18/04

(14:00ч) Отворање на инсталацијата „Скриени дела и спомени – откривање” на студентите од Факултетот за ликовни уметности (Aула ФлФ)

*19/04

(20:00ч) Концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност (Академска сцена ФДУ)

(21:30ч) „Требаше да имаме текст” – испит по предметот Актерска игра 4 на студентите на отсекот Драмски актери во класата на проф. д р Сузана Киранџиска и вон. проф. д-р. Кристина Леловац (Академска сцена ФДУ)
(22:30ч) ДЏ сет на Јован Вуковиќ #SupportLocalArtists (Бифе на ФДУ)

*23/04

Прослава на Светскиот ден на книгата и на авторското право

(18:00ч) Предавање за Шекспир на Н.Е. Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ (Aула ФлФ)

(19:00ч) Предавање за Сервантес на Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија (Aула ФлФ)

*25/04

(20:00ч) Кино на отворено

„Тага”, режија: Тина Величковиќ

„Лена и Владимир”, режија: Игор Алексов (Технички кампус – УКИМ)

*26/04

(14:00ч) Предавање на д-р Гоце Наумов „Стратиграфија на музиката: предисториски основи на ритамот” (Сала за седници – ФлФ)

(20:00ч) Поетско-музичка вечер по повод Светскиот ден на џезот (Бифе на ФДУ)

Извор: https://meta.mk/

ОкоБоли главаВицФото