Мицкоски си ги одбра партнерите ако формира влада

Мицкоски - Влада / Илустрација Слободен печат

Ако се реализира планот на Мицкоски, во идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе партиципираат ЗНАМ, Левица и коалицијата „Вреди“, која опозицискиот лидер јавно ја посака за владин партнер.

Повикот за македонско национално единство и мораториум на нападите кон ЗНАМ и Левица, кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го упати на почетокот на кампањата за парламентарните избори, може да се чита како исцртување на контурите на можниот нов владин кабинет, ако Мицкоски биде мандатарот за состав на новата влада. Ако се реализира планот на Мицкоски, во идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе партиципираат ЗНАМ, Левица и коалицијата „Вреди“, која опозицискиот лидер јавно ја посака за владин партнер.

Во спротивно, ако идејата е за национално единство, тогаш зошто Мицкоски во повикот ги заборава СДСМ, ГРОМ, Нова алтернатива и другите македонски партии – учеснички на изборите?
Првичните позиции на ЗНАМ и на Левица се дека без нивно учество ќе нема нова влада, но не прецизираат дали би биле дел од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски: Потреба на македонскиот народ

Мицкоски од митингот во Охрид повика на македонско национално единство.

– ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само поради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација што ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста, која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш се занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди, иако неуспешни, имало – кажа Мицкоски.

Тој рече и дека токму тој сака да биде обединувачот и како прва иницијатива во таа насока
објави мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ.

– Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа ѝ е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и е во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ, кои се седнати во скут кај овие од ДУИ – рече Мицкоски.

Според него, сега е моментот за национално, а во иднина ќе дојде момент и за граѓанско единство, без разлика на етничката припадност. Мицкоски истакна дека со двете партии имаат разлики и од идеолошка и од принципиелна природа, но сега, според него, најважно е „да се фокусираат на оние што ја киднапирале државата“.

– Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик, без разлика на личните и на партиските суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека е задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор – рече Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за политички потег, но не прецизираат дали Мицкоски смета на ЗНАМ и на Левица за владини партнери. На прашањето зошто повикот е само до ЗНАМ и до Левица, оттаму велат дека само тие партии, како и ВМРО-ДПМНЕ, се повикуваат на националните теми.

Левица: Повикот е лицемерие

Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ, во гостување на Радио Лидер рече дека тоа е нивна идеја и дека на локално ниво, иако официјално нема потпишано коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дефинитивно имаат соработка.

– Мене искрено ми импонира што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нè копира во некои постапки. Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално единство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме – вели Димитриевски.

Тој вели дека ќе коалицира со оној што ќе ги прифати неговите услови.

 

Првичната реакција на Левица е дека повикот за национално обединување и мораториум за нападите е лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи до вчера, како што велат, опозициската партија водела системска кампања против нивната партија и пропагирала дека глас за Левица е глас за ДУИ.

– Со тоа, на некој начин го ситнеше јадрото на македонското обединување. Сета таа црна кампања можеа да ја насочат кон Касами, кој во неколку наврати имаше изјави директно против интегритетот на Републиката. Многу е лицемерно и штетно да се напаѓа Левица кога за сите национални прашања што биле предизвик, секогаш била доследна на принципите. Така не се обединува македонското јадро. Можеби сега нешто не им штимаат анкетите зашто ВМРО велеше 61 пратеник, па намали на 58, а сега границата е 54 пратеници. Мислам дека мотивот на изјавата е дека непосредно пред изборите увидоа дека ќе нема влада без Левица и дека ќе мора да преговараат со нас. Но, ние сме тешки за преговарање, зашто имаме позиции за кои не попуштаме, особено кога главен предизвик е Бугарите во Уставот. Ние драстично се разликуваме од нив. Ние сме за прекин на преговорите со Бугарија, укинување на историската комисија, Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ – велат за „Слободен печат“ од Левица.

Од Европскиот фронт, предводен од ДУИ, констатираат дека Мицкоски официјално прогласил коалиција со Левица и со ЗНАМ, со како што велат, две партии тесно поврзани со Москва и со разни проруски кругови.

– Мицкоски побара македонско национално единство, без други етникуми во државата за да се тргне државата од рацете на Албанците. Го потсетуваме дека Северна Македонија го отвори патот за еднаквост, демократија и членство во големото европско семејство. ДУИ и Европскиот фронт, како мултиетнички фронт, нема да дозволат земјата да се врати назад кон меѓународна изолација, а тоа ќе биде запечатено на 24 април и на 8 мај, кога Бујар Османи ќе биде избран за претседател, додека Европскиот фронт ќе биде клучот за формирање на идната влада – велат од Европскиот фронт.

Коалицијата „Вреди“, пак, досега не одговори дали би биле дел од влада предводена од Мицкоски ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот